Затворањето на економијата и ограниченото движење поради рестриктивните мерки за спречување на ширењето на корона вирусот ја предизвика најдлабоката рецесија на економија за што е показател падот од 12,7 отсто на бруто домашниот производ. Иако намалување се бележи во речиси сите носечки структурни елементи на БДП, сепак евидентен е падот на извозот на стоки и на услуги кој во номинална вредност изнесува 32 отсто и падот на увозот каде намалувањето е 30,2 отсто, смета претседателот на Сојузот на стопански комори (ССК), Данела Арсовска.

Во извештаите на Светската банка, додава Арсовска, е нотирано дека во услови на пандемија во балканските земји се поизразен е проблемот на загуби од над една милијарда американски долари годишно заради застој на граничните премини. Долгото време на чекање ги зголемува трошоците, ја намалува конкурентноста на учесниците во меѓународната трговска размена, увозно-извозните претпријатија и транспортните компании.

Таа потенцира дека во услови на криза развојот на земјата е лимитиран и во таа насока за побрзо опоравување ќе придонесе зголемување на извозот поради што е потребно да се даде поддршка на македонските извозно ориентирани претпријатија.

-Задржување на пласманот на производите и услугите на домашните извозно ориентирани претпријатија кои имаат докажан квалитет во своето работење е од голема важност за поддршка на економски раст кој го очекуваме со стабилизирање на состојбата по кризата. Поради пандемијата евидентен е негативниот ефект врз побарувачката на пазарите во ЕУ, каде се и нашите најголеми трговски партнери, а тоа се рефлектира и на работата на нашите производствени капацитети. И покрај кризата и отежнатото функционирање, намалената продажба и потешкотиите во производството и логистиката, голем дел од извозно ориентираните капацитети не ги затворија своите погони и континуирано работат. Она што е потребно во моментот е да не ги изгубат пласманите и да ги задржат воспоставените позиции, оценува Арсовска.

Според неа, доколку се случи откажување на договорите, потребно е да им се овозможи да склучат нови договори со потенцијални партнери заинтересирани да работат и соработуваат со Македонија. Во таа насока треба да се размислува и за потпишување договори за слободна трговија, за ослободување од двојно оданочување со земји каде постои потенцијал за зголемување на трговската размена. Важно е да не се дозволи надворешно трговскиот економски тек да прекине.

Во таа насока Сојузот на стопански комори на Македонија апелира за надминување на бариерите, олеснување на протокот низ границите преку поедноставување на царинските формалности.

-Нашиот фокус треба да биде насочен кон креирање добра стратегија за надминување на потешкотиите во меѓународната економска соработка, со стратешки пристап особено со оглед на тоа дека ние сме мала земја со голем трговски дефицит. Потребно е да се обезбеди непречен проток при извоз на граничните премини, потенцира претседателот на ССК.

Согласно обемот на трговската размена, дополнува Арсовска, топ десет најголеми трговски партнери на земјава се Германија, Велика Британија, Србија, Грција, Кина, Бугарија, Италија, Турција, Унгарија и Романија. Голем дел од овие земји регистрираа историски пад на БДП во последниот квартал. Меѓународните економски односи континуирано се важни за опстојување, раст и развој на националната економија.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/09/2020 13:36