Што побрзо враќање на патот кој ќе донесе солиден економски раст, со стапки од 4-5 проценти, достоинствени плати, создавање нови работни места, намалување на невработеноста. Ова се дел од приоритетите на мандантната мисија на министерот за финансии Фатмир Бесими кој ги претстави денеска на прес-конференција, додавајќи дека тоа нема да биде лесно и дека состојбата е сериозна поради неизвесноста на здравствената криза и дека е можна корекција на првичните проекции за годинава за растот на економијата.

-Нашата задача е и што побрзо да се вратиме на патот, кој ќе донесе солиден економски раст, достоинствени плати, создавање нови работни места и намалување на невработеноста, предвидлива даночна политика и генерално, европска иднина тука, за нашите граѓани, рече Бесими додавајќи дека на ова се обрзал пред Парламентот и кон себе лично кога прифатил да биде министер за финансии.

Уверен е дека успешно ќе биде завршена неговата мисија, но оценува дека нема да биде лесно.

-Состојбата е многу сериозна особено што е голема неизвесноста поради здравствената криза. Во првата половина од годината има реален пад на економската активност од 6,4 проценти. Согласно ребалансот кој е направен во мај приходите се скратени за 11,5 отсто во однос на иницијалниот буџет. Државниот долг на крајот на вториот квартал годинава изнесуваше 50,7 проценти од БДП. Зависно од проширувањето на здравствената криза можно е да има соодветна корекција на проектираниот економски раст во периодот што следи, но најкажно е да ги заштитиме танливите сегменти кај граѓаните и стопанството, истакна Бесими.

Неведе дека веќе со својот тим активно работи на мерки и политики што ќе овозможат поддршка на обновувањето на одржлив и инклузивен раст, во чии придобивки ќе уживаат што повеќе граѓани.

-Прво и најважно, до крајот на мандатот да ја вратиме економијата на солиден и одржлив раст од 4 отсто,, што ќе создаде солидна основа за удвојување на долгорочниот просечен економски раст од 2,6 проценти во последните 10 години на 4 отсто до 5 отсто раст во наредниот период. По завршувањето на кризата, да овозможиме раст на просечната плата до крајот на мандатот од 20 до 30 отсто, во зависност од должината и влијанието на епидемијата врз светската и домашната економија, што реално ќе овозможи и пораст на минималната плата, истакна Бесими.

Потенцира дека интензивно се работи на четвртиот пакет мерки кој е насочен кон економско заздравување, односно зајакнување на ликвидноста и финансиската стабилност на фирмите, стимулирање на приватната потрошувачка и поттикнување на инвестиции во стопанството.

-Ќе работиме на тоа брзо да заврши негативниот тренд и да го намалиме ударот врз економијата во третиот и четвртиот квартал, а во 2021 година да имаме и позитивен раст, под услов да нема влошување на епидемиолошката состојба. Конкретно, овие мерки треба да се надоврзат на претходните и да „вбризгаат“ нова ликвидносна инјекција во стопанството. Во таа насока, се редизајнираат или подобруваат и некои од постојните мерки кои имаат потенцијал за натамошна поддршка на економското заздравување, додаде министерот за финансии.

Според него, очекувањата се дека во 2021 година, со исцрпување на неповолните ефекти од пандемијата и подобрување на искористеноста на производствените капацитети, како и очекуваниот раст на извозот во рамки на традиционалните дејности, се очекува заживување на извозната активност. На среден рок, во услови на одредено стабилизирање на растот на надворешната побарувачка и зголемување на извозниот потенцијал во земјата преку прилив на СДИ, извозот се очекува да има солиден придонес врз економскиот раст.

Бесими посочи дека за време на кризата ќе се настојува преку мерки, стапката на невработеност да не расте значајно, а по завршувањето на кризата и до крајот на мандатот да се продолжи динамиката на намалување на стапката на невработеност по три процентни поени годишно.

На прес-конфеенцијата напомена дека преку концепт на СМАРТ – финансии (стратешки, одржливи, реформски ориентирани и транспарентни финансии), преку јасн цели и задачи и одговорно и транспарентно работење може да се постигнат овие цели.

– Ниту една мисија, ниту една цел не може да се достигне без добро смислен пристап и стратегија за реализација на истата. Се обврзав дека ќе го воведам концептот на „СМАРТ финансии“, односно систем на јавни финансии, којшто ќе се базира на јасна стратегија и ќе биде одржлив, одговорен, реформски ориентиран и транспарентен. Од аспект на економската филозофија или политичката економија, ова ќе значи стремеж кон поправеден модел на јавни финансии, гледано од аспект на приходите, расходите и начинот на финансирање, односно популарно кажано како се полни државната каса и како и каде се трошат парите на граѓаните , истакна Бесими.

Според него, традиционалното буџетирање кое се базира на краткорочно и инкрементално ниво на финансирање, треба да се преориентира кон долгорочно буџетирање ориентирано кон резултати во остварување на стратешките цели.

-Треба да се види перформансот на институциите и согласно тоа да се утврдува колку средства ќе им се доделуваат на буџетските институции за проекти, во согласност со тоа какви се резултатите. На тој начин ќе се надминат нереалните планирања што ги имаме со години, па и децении наназад, каде што капиталните расходи се нереално високо планирани, а кои потоа реално потфрлаат во реализацијата. Понатаму, планирањето од една за друга фискална година треба да се ориентира повеќе кон подолгорочно планирање. Најголем дел од стратешките и капиталните проекти не се реализираат во текот на една фискална година, туку во текот на повеќе. Умешноста да се утврди вистинската динамика на проектот на среден рок, може да биде од суштинско значење и за самата реализацијата на тој проект, рече министерот за финансии Фатмир Бесими.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/09/2020 14:30