Преку невладината организација „Коалиција СЕГА“ се дистрибуира донација во вредност од речиси 23 000 евра во заштитни средства во прилепските основни и средни училишта, во центрите за деца со посебни потреби, за градинките, за ранливите категории граѓани, во прилепскиот Дом за стари лица „Киро Крстески-Платник“.

Ова е во рамките на проектот „Поддршка на маргинализирани групи кон превенција од COVID-19 во Прилеп“, финансиски поддржан од НВО Група 484 од Белград и Амбасадата на Норвешка во Белград. Проектот се спроведува со соработка со Општина Прилеп.

Според Зоран Илиоски, извршен директор на невладината Коалиција СЕГА, донацијата на норвешката амбасада е добредојдена во вистински час.

– Прашањето беше како да помогнеме во оваа ситуација, посебно на младите и на ранливите категории граѓани. Ја искористивме можноста што ни ја пружи Норвешката амбасада со седиште во Белград и невладината организација, групата „484“ кои не поканија за да обезбедиме поддршка за нашите граѓани. Заедно со прилепската локална самоуправа направивме план како да ја направиме донацијата. Вкупната донација е поделена на неколку дела: средства за дезинфекција на раце, тоа се 660 пакувања кои ќе бидат поделени, 4 400 пакувања на антибактериски течен сапун, заштитни медицински маски од кои 10 000 ќе ги поделиме меѓу ромското население и 5 000 во училиштата, на влезот на секое училиште ќе има диспанзер за дезинфекција на рацете, во сите 15 основни и средни училишта се распределени термометри, изјави Илиоски.

Тој информира дека во текот на идната недела во населбата Тризла ќе распределат средства за дезинфекција и заштитни маски.

-Паралелно, заедно со Општината имаме онлајн кампања за информираноста на младите и другата популација за заштита, вели Илиоски, повикувајќи ги компаниите да се вклучат во ваквиот вид кампања за заштита на младите и на населението.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/09/2020 16:04