Преку заеднички проект со Oпштина Петрич, Бугарија, Oпштина Струмица ќе набави повеќенаменско возило за заштита од поплави и пожари, соопшти градоначалникот Коста Јаневски.

-Во проектот e предвидено набавка на модуларен систем за реакција при пожари и поплави, со цел подобрување на институционалната подготвеност на Територијалната противпожарна единица при Oпштина Струмица. Овој модуларен систем е всушност повеќенаменско возило со голема проодност, кое ќе има два независни модули, и тоа Модул „Поплави" и Модул „Шумски пожари". Набавката на системот ќе овозможи зголемена безбедност и заштита на населението од Oпштина Струмица од поплави и пожари, како и подобрена институционална подготвеност за заштита и спречување на природни непогоди и катастрофи, рече Јаневски.

Постапката за набавка е во завршна фаза и се очекува до јануари следната година ова возило да може да се користи.

Вториот дел од проектот е насочен кон подигање на свеста кај младите лица и општо на пошироката јавност за спречување и управување со ризици од катастрофи и непогоди, последиците од климатските промени, како и превенција и справување со кризни ситуации.

Проектот „Заштита на локалното население од општините Петрич и Струмица од природни катастрофи и катастрофи предизвикани од човекот" Oпштина Струмица го спроведува во партнерство со Oпштина Петрич од Република Бугарија, а е финансиран од ЕУ.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/09/2020 13:34