Осумдесет деца не тргнаа во „Клон 2“ од струмичката градинка „Детска радост“, бидејќи не можат да влезат во стариот објект. Причина за тоа е незавршената изградба на новиот дел од овој клон и заради тоа децата не можат да бидат примени во градинката.

Градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски објаснува дека вината е во изведувачот на градежните работи заради измени во надзорот на изведувањето на градежните работи и заради тоа дошло до пролонгирање.

-Општината не учествуваше во јавната набавка и изборот на надзорен орган, меѓутоа нашата реакција беше навремена за да може да се отстранат недостатоците и да се стави градинката во функција. Јас верувам дека со едно мало одложување на почетокот на прием на дечиња би можело да се стави во функција. Ние како општина реагиравме до изведувачот, но и преку нашето одделение за образование и детска заштита и сметам дека ќе се надминат овие пречки и да се санираат тие недостатоци и за неколку денови да може да се врши прием на децата, изјави градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски.

За него е важно каква ќе биде состојбата со коронавирусот за да може да се планира и понатамошното работење на градинките во општината, со почитување на сите протоколи кои се донесени од државните институции.

На 9-ти овој месец, кога беа отворени градинките, во Струмица се вратија 520 деца кои се згрижени според утврдените протоколи и прописи.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/09/2020 15:25