Во рамки на проектот „Поддршка во време на Ковид-19 кризата за ромите и ранливи категории“, невладината организација „Тернипе МК“ од Делчево денеска додели 65 пакети со хуманитарна и санитарна помош за социјално загрозените и маргинализираните групи, на локално ниво. Проектот како што информираа од „Тернипе МК“ се имплементира во општина Делчево со село Тработивиште, и е опфатена ромската заедница и лица од ранливи категории.

-Општата цел на проектот е превенција, заштита и спречување на ширењето на Ковид-19 кај маргинализираните и ранливите групи на граѓани како и зголемена јавната свест за опасноста и последиците од Ковид -19. За таа цел имавме неколку активности за информирање на јавноста за мерките и препораките на државните институции за спречување на ширењето на Ковид 19 и следењето на препораките на Министерството за здраство на Република Северна Македонија и светската здраствена организација, а денеска поделивме и 65 основни прехрамбени и хигиенски пакети на ромската заедница и лица од ранливи категории, истакнаа од „Тернипе МК“.

Во понатамошните активност, како што додадоа од делчевската невладина организација, планирани се активности со цел обезбедување на услови на децата од ромската етничка заедница и од социално ранливи категории за вклучување во далечинското учење.

-За таканареченото учење од дома, ќе биде обезбедена електронска опрема и пристап до интернет, за што се предвидени вкупно 45 таблети, додадоа од „Тернипе МК“.

Носителот на проектот активностите ги реализира во соработка со постојаните партнери и соработници Општина Делчево, градоначалникот Горан Трајковски, општинскиот Црвен крст-Делчево, Општинските основни училишта „Ванчо Прке“ и „Св.Климент Охридски“, додека финансиски проектот е подржан од Генералниот секретаријат на Владата преку Одделението за соработка со невладини организации.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/09/2020 22:36