Македонската економија, ковид-кризата, која е присутна веќе половина година главно ја минува во согласност со очекувањата на Народната банка, оценува вицегувернерката Ана Митреска во интервју, во кое истакнува дека банкарскиот сектор е стабилен и доволно силен да апсорбира евентуални загуби предизвикани од ковид-кризата, дека има зголемување на депозитите на месечна основа, а и кај дознаките од странство има зголемување на оние кои стигнуваат во земјава по формалните канали.
-Тековите во македонската економија, во голема мерка ги потврдуваат нашите априлски оцени и очекувања за сегментите кои би биле најчувствителни на оваа криза. Видливи се ефектите врз довербата и перцепциите и на потрошувачите и на инвеститорите, но по првичниот шок се забележува умерено стабилизирање. Извозната активност, со оглед на вклученоста во глобалниот автомобилски синџир забележа остар пад, ама како што и очекувавме веќе од јуни гледаме поактивно искористување на производствените капацитети. Дознаките од иселениците и работниците во странство, коишто се значаен прилив во економијата беа идентификувани како битен канал на пренос на шокот. Веќе ги имаме податоците за првата половина од годината и тие ги потврдуваат овие оцени, со оглед на намалувањето на приливите. Но, се забележува одредено пренасочување на дел од дознаките во готовина кон формалните банкарски канали, што делумно го ублажува неповолниот ефект. Формалните дознаки во вториот квартал растат со годишна стапка од дури 65,отост истакна Митреска во интервјуто.
За директните странски инвестиции во вториот квартал наведува дека има одредено намалување, но дека сепак вкупниот износ на странските инвестиции во првите шест месеци од годината од околу 112 милиони евра е повисок во однос на минатата година и е во рамки на нивните проекции.
Важно, како што додаде, е тоа што во овој период има прилив на нов сопственички капитал, дека еден дел од приливите на капитал е во банкарскиот систем, што според неа е многу важен сигнал, зашто покажува дека матичните банки се подготвени да ги поддржат своите подружници во нашата земја.