Со средства обезбедни од Владата, преку Агенцијата за млади и спорт распишан е тендер за реконструкција на игралиштето кај Соколана Куманово, информираше денеска градоначалникот Максим Димитриевски.

Јавниот повик е распишан и се однесува на партерно уредување на игралиштето и ќе опфати реконструкција на постоечкото игралиште, терен за мал фудбал со комплетна реконструкција на трибините.

– Дополнително ќе се обидеме да обезбедиме средства и за уредување на останатиот партерен дел, би сакал и што поскоро да го завршиме и проектот за реконструкција на објектот и да го вратиме сјајот на Соколана. Тој објект со децении наназад беше запуштен. Капитален е проектот, рече Димитриевски

Тој нагласува дека претходно мора да се добие согласност од конзерваторскиот центар, да ги добијат нивните укажувања, а по добивањето на техничките параметри ќе се направи пресметка, колку ќе треба да се одвои за реконструкција и да се утврди колку може да вложи градот во објектот.

Соколана е култно место за кумановци, од почетокот на 20-тиот век, препознатливо не само по спортските настани, туку и по забавниот живот на кумановци. Изградбата почнала во 1923 и со повремени прекини завршила во 1930-та година. Градена е со средства од доброволни прилози од населението и од тогашната кумановска еснафска јавност.

Претходно, државата и ги врати на општината во владение четирите големи спортски објекти, Соколана, градскиот стадион, стрелиштето и спортската сала со кои низ децениите стопанисуваа приватни субјекти. Минатата година и „Куманово план“ изработи идејно решение за целосна реконструкција на Соколана.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/09/2020 16:27