На прес-конференцијата пред натпреварот помеѓу Шкединија и Тотенхем, тренерот на англичаните Жозе Мурињо, направи прекрасен гест и му ја исполни желбата на спортскиот новинар од „Тв Сонце“ Игор Александровиќ кој го замоли да се сликаат во чест на неговиот починат татко.
Имено, на самата прес-конференција откако Мурињо беше нападнат со прашања од англиските новинари, пред се за трансферот на Деле Али и откако кажа дека е уморен од одговори поврзани со Али, го заврши пресот, но администраторот му дошепна дека има уште едно прашање од македонски новинар, по што тој без никаков проблем се врати.
Тогаш, новинарот Александровиќ го праша дали ќе може да се сликаат во чест на неговиот татко кој починал а бил негов голем фан и му вети дека сликата ќе ја урами на неговото вечно почивалиште.
Мурињо без никаков проблем го прифати барањето на новинарот, а неговиот гест наиде на воодушевување и кај англиските новинари и кај англиската јавност.
Александровиќ во знак на благодарност на Мурињо му подари книга со историјата на Македонија наменета за Александар Македонски како и поранешното знаме на Македонија, односно знамето од Кутлеш.