„Месец на хуманост – Гази Баба се грижи“ е насловена најголемата хуманитарна акција, која денеска ја почна Општина Гази Баба.

-Оваа акција опфаќа донирање на храна, облека и мебел за лицата од ранливите категории. Исто така, ќе бидат опфатени и еко акции за чистење на неколку клучни локации во општината, активности за подигање на свеста за селектирање, рециклирање и собирање на отпадно масло за јадење, како и посебни денови за грижа за домашните миленичиња. Со ова акција, општина Гази Баба сака да покаже дека секој граѓанин за нас е важен и добива еднаква шанса. Хуманоста и солидарноста се од најголема важност, особено во период кога се соочуваме со Ковид-19, вирус кој ни го промени животот, но и остави многу наши сограѓани со нееднакви шанси и можности за секојдневно функционирање и егзистенција, изјави градоначалникот Борис Георгиевски.

Тој ги повика граѓаните кои сакаат да се вклучат во оваа акција, да купат и донираат прехранбени производи, хигиенски средства или облека на пунктовите кои ќе бидат поставени пред поголемите маркети.

Милан Живковиќ, советник во Владата на РСМ за труд и социјална политика, истакна дека Владата излегла со четвртиот пакет мерки коишто се за поддршка на сите наши граѓани и граѓанки, а посебно за тие коишто се од најранливите категории.

-Затоа навистина е добро да се видат ваквите акции, како што се на општината Гази Баба, под мотото Гази Баба се грижи коишто покажуваат дека солидарноста е приоритет не само на Владата туку и на општините. Хаштагот Гази Баба се грижи треба да биде распространет кај сите жители на општината и пошироко, рече Живковиќ. Партнери на Општина Гази Баба во спроведувањето на оваа акција се „Сите Сити – Ајде Македонија“, „Љубезност“, „Црвен Крст при Гази Баба“, „Копче“, „Ретвитни оброк“, „Лице в лице“, „Пакомак“, „Суниленс“, „Нула отпад“ и „Шепасти ентузијасти“. Исто така, во акцијата „Месец на хуманост – Гази Баба се грижи“ ќе бидат вклучени сите вработени во општинската администрација, бизнис заедницата, како и огромен број на јавни личности и волонтери кои несебично се понудија да го дадат својот придонес во рамките на оваа активност, информираат од општината.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/10/2020 20:05