Со врачување 80 хуманитарни пакети со храна и средства за заштита и дезинфекција од Ковид-19, според сите препорачани мерки за заштита од коронавирусот, во Пунктот за бездомници при Црвениот крст во Момин Поток, денеска традиционално се одбележа „Светскиот ден на бездомништвото“.
-Како и во сите изминати 12 години, така и сега во текот на оваа недела традиционално го одбележуваме Светскиот ден на бездомништвото и по тој повод делиме хуманитарни пакети со прехранбен и хигиенски дел и по една кабаница за секое бездомно лице. Октомври е месец на солидарност, филантропија и хуманост, изјави Драгана Лазаровска, координатор на Пунктот за бездомници при Црвен крст на град Скопје.
Во изминатите седум месеци, како што рече, ниту едно од бездомните лица не пројавило симптоми од Ковид-19, ниту, пак, од стручниот тим на Пунктот заради добро поставените мерки за заштита кои во целост се почитуваат.
За време на пандемијата, додаде, покрај редовните мобилни тимови кои даваа поддршка на нашите граѓани, беше формиран и посебен мобилен тим за поддршка на бездомниците. Од 15 март до 1 август, пунктот беше посетен 2.789 пати од страна на бездомните лица, беа реализирани 603 посети на лекар, реализирани беа 42 стручни-советодавни разговори од страна на психолог, поделени се 2.128 парчиња лекови и 7.999 парчиња облека. Во истиот период беа поделени 2.017 заштитни маски за бездомниците и 1.816 пакетчиња влажни марамици.
Во Скопје неофицијално има 300 бездомни лица, но секоја година бројката се зголемува се повеќе и повеќе. Досега 15 бездомни лица се успешно реинтегрирани и ресоцијализирани во општествените текови.
-Тие 15 лица се веќе на раководни позиции затоа што се луѓе кои порано биле на високи функции, па потоа се соочиле со огромен пад. Верувајќи во целата помош и поддршка што ја примаат од Црвениот крст со заеднички сили ги инкорпориравме во тековите каде би сакале да работат и каде сега работат и се успешни во тоа, рече Лазаровска.
Пунктот за бездомници е поддржан од страна на Град Скопје веќе 12 години и функционира на истата локација во Момин Поток. Секоја среда и петок бездомните лица добиваат хигиенски услуги (капење, шишање, бричење), чиста облека, можност да се испере старата облека, храна, прегледи од лекар и бесплатни лекови според потребите, психосоцијална поддршка, услуги од социјален работник (вадење на документи и поддршка на обезбедување на услуги од системот на социјална заштита).
Пунктот, како што информира Лазаревска, во среда го посетуваат околу 50 бездомни лица, а во петок од 80 до 100 лица и ги добиваат сите услуги. Преку пунктот, корисниците секоја зима добиваат топла облека, обувки, ќебиња, вреќи за спиење, а според потребите се отвора и привременото преноќувалиште.