Во работна посета на општина Дојран денеска престојуваше минитерката за образование и наука Мила Царовска која заедно со градоначалникот Анго Ангов ги посетија оновното училиште „Кочо Рацин“ во Нов Дојран и направија увид дали се исполнети условите за почеток на учебната година во новото подрачно училиште во селото Ѓопчели. Во него се инвестирани 4,5 милиони денари за обезбедување современи услови за образование и развој на децата.

–Инвестициите во објекти сами по себе не се доволни ако како влада не инвестираме во наставниот кадар, затоа што наставниците ни се најважната алка во пренесувањето на знаењето на децата, рече Царовска.

Според Царовска, пандемијата ни покажа дека наставниците не се важни само како партнери во училиштата, туку нивното место е незаменливо и во поддршката, мотивацијата, лидерството, иновацијата и креацијата на нови начини на работа.

–Навистина ми е драго што токму во ова училиште учениците ја следат наставата на еден од јазиците на етничките заедници, односно турскиот јазик, и она што сакам да го потенцирам дека вие, наставниците, ги учите децата на толеранција и мултикултуризам. Ако вие создавате заедништво и ги учите децата да се грижат едни за други, тогаш создаваме едно општество за сите, потенцираше Царовска.

Градоначалникот Ангов нагласи дека во училиштето во Ѓопчели наставата со физичко присуство ја следат 21 дете до петто одделение и дека училиштето е направено со средства од ООУ „Кочо Рацин“ од општина Дојран и од МОН.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/10/2020 15:23