„Сакаме образование за климатски промени и училишта на соларна eнергија“ беше темата на панел-дискусијата што денеска се одржа во гимназијата „Никола Карев“, на која беше потенцирано значењето од наставни програми за климатските промени во формалното образование во земјава.

Учесниците ја посочија и важноста на младинската проактивност – да се залагаат и застапуваат за квалитетни мерки и политики и да бидат препознати и вклучени од страна на државните и образовните институции.

Беше заклучено дека младите покажуваат особена иницијатива кога станува збор за ефектите предизвикани од климатските промени и енергетската ефикасност и одржливост и преземаат голем дел од товарот кој ја засега целата македонска јавност. Овие напори мора да се признаат и уважат преку вклучување на младите во процесите на донесување одлуки.

Според „Гоу грин“, организатор на настанот, идните генерации мора да научат и да знаат како да ги ублажат и како да се адаптираат на последиците од климатските промени, затоа образованието за климатски промени во рана возраст е од исклучителна важност.

– Тоа не е застапено во наставните програми и учебници и зависи од волјата, искустовто и мотивацијата на наставникот. Потребно е одговорните институции да ги ревидираат наставните програми, да овозможи соодветен и ажуриран материјал за наствниците и учениците, изјави Мила Јовановска од „Гоу грин“

Моника Накова, дипломиран инженер по електротехника и информациски технологии, се осврна на направените анализи на енергетската ефикасност на средни училишта од Куманово, Скопје и Прилеп и соопшти дека тековните состојби на старите објекти, меѓу кои и средните училишта, резултираат со ниска енергетска класа, голема потрошувачка на енергија и висок јаглероден отпечаток.

– За успешно намалување на емисиите на јаглерод и потрошувачката на енергија и воедно намалување на климатските промени, потребно е класичните традиционални извори на енергија и снабдувања да ги замените со обновливи извори на енергија како фотоволтаичните ситеми и пронаоѓање механизми за нивна подршка и инсталација како што се енергетските задруги, посочи Накова.

Исто така, беше презентирано и видео чија цел е да ги информира учениците, како и пошироката јавност за начинот на пресметка на јаглеродниот ефект и негово намалување.

Панел-дискусијата беше организирана во рамки на проектот „Сакаме соларна енергија“, финансиран од ЕУ. Целта е да создаде мрежа на средношколци кои активно учат и вршат јавен притисок врз надлежните институции за поголема застапеност на сончевата енергија и образованието за климатски промени.

Во проектот беа вклучени средношколци од Скопје, Куманово и Прилеп, кои заложбата за образование за климатски промени и одржлив развој ја покажаа и со петицијата која ја потпишаа и ја промовираа меѓу нивните врсници.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/10/2020 20:14