Педесет и две годишна поранешна директорка на детската градинка во Македонска Каменица е осомничена за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување”. За неспроведување постапка за прибирање понуди, што е спротивно на законот за јавни набавки, против В.Ј (52) од Македонска Каменица, Надворешната канцеларија за криминалистички работи Делчево поднесе кривична пријава.

– Од 01.01.2017 до 31.12.2017 во Македонска Каменица пријавената, како директор на детска градинка, без да спроведе постапка за прибирање понуди и спротивно на чл.28 и чл.100 од Законот за јавни набавки, во повеќе наврати без одлука и спроведена транспарентна постапка, извршила набавка на стоки и услуги во вредност од над 500 евра во денарска противвредност, и тоа од повеќе правни лица во вкупна вредност од 271.649 денари, а во еден случај извршила делење на истородна услуга – превоз на деца, се вели во образложението од полицијата за поднесената кривичан пријава.

Како што стои во продолжението од образложението на полицијата, осомничената спровела јавна набавка што е спротивно и на чл.27 ст.1 од Законот за јавни набавки.

– Лицето извршила набавка на услуга во износ од 35.047 денари во повеќе наврати, без да спроведе тендерски постапки, со што извршила набавка на разни стоки и услуги во вкупна вредност од 306.696 денари, се додава во полициското образложение за овој случај.

Со нејзините постапки, како што додаваат од полицијата, директорката повластила одредени правни лица да се стекнат со корист поради што е покрената кривичната пријава.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/10/2020 01:23