Вкупно 1.771 казна напишала полицијата за неносење заштитни маски, со цел спречување на ширење на коронавирусот во изминатите девет месеци на територија на општина Струга.

Само во изминатото деноноќие седум лица добиле прекршочен платен налог за непочитување на законската одредба и треба да платат казна од 20 евра во денарска противредност или половина од износот доколку платат во рок од осум дена.

СВР Охрид, како што истакна за МИА портпаролот Стефан Димоски, на целото подрачје што го покрива, вклучително и општина Струга, презема интензивни активности со цел доследно почитување на мерките и препораките за заштита и превенција од Ковид 19.

– Апелираме до граѓаните на доследно и строго придржување до законските мерки за заштита од Ковид 19. Потсетуваме дека задолжително е носењето на заштитна опрема за покривање на носот и устата во сите јавни затворени простори, како што е јавниот превоз, маркети, банки, пошти, амбуланти, болници, институции. Но и на отворени простори каде што нема можноста за одржување на дистанца од два метри меѓу граѓаните како што се пазари, отворени трговски центри, тесни улици, автобуски постојки и слично, изјави Димоски.

Активностите, додаде, се спроведуваат преку одделенијата за превенција, превентивните мерки се спроведуваат самостојно со полициските станици, но и во координација со трудовиот инспекторат и сообраќајниот инспекторат во локалната самоуправа, како и со други надлежни институции.

– Во тек се едукативно-превентивни мерки за вработени во поголемите компании и фабриките што се спроведуваат со претходен договор со надлежните. Се контролираат авто-превозниците за јавен транспорт, се вршат контроли на угостителските објекти и други едукативни мерки, истакна Димоски.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/10/2020 17:43