Амбасадата на Република Јапонија донираше средства во висина од 55.000 евра на градинката „Астибо" кои беа искористени за замена на прозорците, вратите и обнова на системот за парно греење за објектот „Цветови" во штипската населба Осми Ноември

По тој повод денеска заменик-шефот на мисијата на Амбасадата на Република Јапонија во земјаваТакахаши Сатору заедно со в.д. градоначалникот на Општина Штип Јане Миланов и директорката на градинката „Астибо", Билјана Трајчевска го посетија клонот „Цветови".

–Сакам да упатам благодарност до Амбасадата на Јапонија и народот на Република Јапонија за донацијата и се надевам дека оваа соработка ќе продолжи. Дополнително овој клон „Цветови" од свои средства има инвестирано во набавка на шкафови, теписи, завеси и душеци, инвестиција во висина од 25.000 евра, изјави Миланов.

Реконструкцијата на клонот „Цветови" е резултат на добрата соработка помеѓу Амбасадата на Република Јапонија, Општина Штип и Центарот за развој на Источен плански регион.

-Целта на овој проект беше да се подобри околината и квалитетот на живот кај најмладите граѓани на оваа општина. Нашата поддршка е фокусирана на помагање на граѓаните и нивниот квалитет на живеење, ние јапонскиот народ сме многу среќни како пријатели на македонскиот народ, рече Сатору.

Директорката на градинката „Астибо" Трајчевска истакна дека инвестициите во инфраструктурно подобрување ќе продолжат во сите објекти, а до крајот на годината се очекува во овој објект да биде заменета оградата.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/10/2020 13:34