Цели пет години по завршетокот и повлекувањето од своето светски популарно сатирично „Дејли шоу“, Џон Стјуарт се враќа на ТВ-екраните со нов проект.

Новата емисија ќе трае еден час, ќе оди на платформата Епл плус и ќе се занимава со актуелни теми кои го засегаат американскиот национален јавен интерес, како што стои во описот на Епл. Насловот сѐ уште не е објавен.

Комичарот, глумец и водител Џон Стјуарт беше домаќин на дневното „Дејли шоу“ 16 години, 1999 – 2015 година, а потоа беше еден од авторите на сличното „Вечерно шоу со Лери Вилмор“ коешто до следната 2016 година доживеа 259 епизоди. Стјуарт го пишуваше и сценариото за сатиричниот филм „Неодолив“ (Irresistible), кој излезе на 26 јуни годинава.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/10/2020 15:08