Генералната директорка на АД МЕПСО Ева Шуклева не верува дека ќе предизвика намалување на потрошувачката на електрична енергија одобреното зголемување на цената на струјата од 11 отсто во делот за пренос на енергијата и порачува дека не можат да побараат намалување на цената заради инвестициските проекти за подобрување на преносната мрежа кои се во тек.

-Побаравме зголемување на цената за 70 отсто во делот за МЕПСО, а добивме 11 отсто од Регулаторната комисија за енергетика. Нашите пресметки покажуваа дека нашиот дел во просечната сметка за струја ќе се зголеми за 23 денари доколку добиевме покачување од 70 отсто, а сега зголемувањето ќе биде околу пет денари. Не верувам дека тоа ќе влијае на намалување на потрошувачката, рече Шуклева на денешната прес-конференција.

Таа посочи дека АД МЕПСО учествува со само 4,2 отсто во вкупната цена на електричната енергија.

-Во пресметките за цената на струјата ги преставуваме реалните трошоци и приливи на компанијата. За да можеме да правиме инвестиции потребно е да има реална цена на струјата. Во спротивно не може да се прават инвестиции во енергетските компании. Се купува светска опрема и тука цената е иста како што е во Германија. Затоа ние како раководство на компанијата не можеме да отстапиме од нашите барања за цената, затоа што некој од нас ќе побара одговорност зашто не сме ги претставиле реално трошоците, рече Шуклева.

МЕПСО, прецизира, е трговско друштво како и сите останати компании и затоа нема политика во барањето за покачување на цената на електричната енергија.

-За да ја пренесе енергијата МЕПСО мора да сработи и затоа не може да побара намалување на цената на струјата, а не дека не сака. Компанијата мора да продолжи да работи, рече Шуклева и нагласи дека во услови на ковид кризата има реално намалување на приходите на компанијата од 10 до 12 отсто заради намалената потрошувачка на електрична енергија.

Посочи дека струјата не е социјална категорија и додаде дека може да се субвенционира со различни пакети од државата, но не и со непризнавање на реалните трошоци на енергетските компании.

-Цело време ја одржуваме преносната мрежа и секоја година треба да се инвестира во неа за да имаме стабилен систем и да не праќаме пенали кон директните потрошувачи кои ги имаме на нашата мрежа доколку не им го испорачаме ветеното во договорот што го имаме за електрична енергија. Старата опрема е недоверлива и затоа правиме напори за да може што побрзо да јас смениме. Покачувањето што го добивме нешто ќе помогне за да ја смениме, но не целосно. Од овие 11 отсто немаме можност да го покриеме тоа што сме го планирале и затоа се трудиме да ги намалиме трошоците на работење колку што можеме. Во моментов ја правиме инвестициската програма за следната година и сега за сега не планираме некои поголеми проекти освен оние што се во фаза на имплементација за да не правиме нови задолжувања, истакна Шуклева.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/10/2020 16:28