Струмичани најмногу сакаат да гледаат театарски претстави и театарски фестивали, потоа да посетуваат изложби во музеите и понуди од галериите и на трето место е посетата на музичките фестивали. До ова сознание е дојдено од истражувањето на културните потреби на град Струмица, кое го реализира Здружението за култура и развој на креативни индустрии „Култ-Транзен“ од Струмица.

– Анкетниот прашалник за истражувањето се спроведе по електронски пат и на него одговорија 100 испитаници од различна возрасна структура. Во првиот дел од прашалникот е опфатена структурата на населението според половата припадност, местото на живеење, возраст и образование за да се види структурата на населението според овие категории, додека во вториот и третиот дел преку анкетата се бара мислење за работата на институциите кои се под капа на општината и државата и нивната понуда. Според половата структура на испитаниците 38,4 отсто се жени, 61,6 отсто се мажи, објаснуваат од „Култ-Транзен“.

Од истражувањето интересни се одговорите на прашањето: што е потребно да се промени во културната понуда на општина Струмица?

Од испитаниците 22,2 отсто одговориле дека е потребно да се отворат нови културни институции како кино, фотоклуб, креативен центар, а додека 18,2 отсто рекле дека за подобрување на културната понуда во градот потребно е да се подобри менаџирањето со културните институции. За подобра понуда во градот треба да има развиена независна сцена и 14,2 отсто сметаат дека културните политики треба да бидат насочени токму кон јакнење на тој сегмент, а 10,1 отсто мислат дека е потребна изградба на нова инфрастурктура.

На прашањето што најмногу треба да биде застапено од културните содржини во градот, 17,3 отсто одговориле дека сакаат да има подобра и широка понуда на филмски проекции, 13,1 отсто дека сакаат подобра и разновидна понуда на Музејот во градот и Центарот за култура, 10,1 отсто се изјасниле дека сакаат улична уметност и интервенции во јавен простор, 8,1 отсто театарски претстави, додека 14 отсто се изјасниле дека е потребно сè да биде застапено.

Третиот дел на истражувањето се состои од прашања кои даваат слика за работењето на културните институции и културни манифестации во градот, кои се под локална самоуправа и националните институции за чие раководење е одговорно Министерството за култура. Во овој дел од истражувањето испитаниците го оценувале работењето на културните институции и манифестации и давале предлози за тоа како да се подобри нивното работење.

На прашањето во кое се бара оценка за работата на културните институции кои постојат во град Струмица, испитаниците најслаби оценки дале за институцијата Дом за деца и млади „Благој Мучето“, втор според прашалникот со најслаба оценка е Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Струмица, трет е Центарот за култура „Антон Панов“, а најдобра оценка добила локалната библиотека „Благој Јанков-Мучето“.

За раководењето со културните манифестации на градот испитаниците имале подобро мислење. Фестивалот „Струмица опен фест“ е најслабо оценет од испитаниците со оценка два, со нешто подобри резултати е манифестацијата „Струмички карневал“, додека најдобри резултати имаат Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“ и Струмичката ликовна колонија со оценка три.

Последниот дел од истражувањето е за интересот за посетување културни настани, степенот на искористеност на културните простори за одржување културни активности, за начинот на информирање за културните настани и нивно мислење за главните проблеми во културата на територијата на град Струмица.

На прашањето кои културни содржини ги имаат посетено испитаниците во последните 12 месеци, најмногу одговориле дека имаат посетено театарска претстава, и тоа 66,6 отсто од испитаниците. Но, секако, одговорите се добиени и според тоа што го нуди градот како културна понуда.

– Испитаниците сметаат дека просторот во институциите не се користи доволно од сите конституенти во градот и дека е потребно институциите повеќе да се отворат кон граѓаните во однос на отстапување на нивниот простор за работа на други субјекти од областа на културата, творци, културни работници и независната сцена. Најголем број испитаници, односно 98 отсто сметаат дека просторот во културните институции и јавните простори во градот треба повеќе да бидат искористени за одржување културни содржини, стои во истражувањето на „Култ-Транзен“.

Најмногу од испитаниците или околу 85 отсто за случувањата во културата и одржувањето на културните настани се информираат преку социјалните мрежи, додека 11 отсто се информираат преку реклами на локални медиуми и портали.

За главните проблеми кои ја опишуваат културата во град Струмица, најмногу или 22 отсто од испитаниците сметаат дека тоа е недоволното финансиско вложување во културата и лошото раководење со институциите. Исто така голем процент, односно 15 отсто, одговориле дека политиката премногу се меша во културата и тоа особено при избор на директори и менаџери и паралелно со тоа сметаат дека нема јасно поставени цели и отсуствува транспарентно планирање во работењето.

– Добиените резултати од ова истражување ќе помогнат да се добијат релевантни одговори за состојбите на културата на локално ниво и задоволување на културните потреби на граѓаните од страна на институциите и локалните власти, потенцираа од „Култ-Транзен“.

Истражувањето на културните потреби на град Струмица е во рамките на институционалниот грант добиен преку „Програма за јакнење на граѓанското општество – Цивика мобилитас“, за јакнење на граѓанскиот сектор во делот на креирање, спроведување и мониторирање на јавните политики и учество на граѓанскиот сектор и граѓаните во процесите на одлучување и градење на политиките.

„Програмата за јакнење на граѓанското општество – Цивика мобилитас“ е проект на Швајцарската агенција за развој и соработка спроведуван од страна на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС).



Автор: Администратор
Објавено на: 29/10/2020 12:35