На раскошно украсени епитафи и со традиционалните торжества, моштите на „Свети Георгиј Победоносец“, чудотворната икона на светецот и Крнинската икона на Богородица, денеска повторно ќе ја осветат Струга.
Традиционално, на 7 мај, моштите и чудотворните икони носени од угледни граѓани, предводени од локалното свештенство и братството и сестринството од Бигорски, манастирите во Рајчица и Пречиста, по вечерната служба тргнаа од храмот „Свети Георгиј“ и поминуваат низ струшките улици, покрај кејот на реката Црн Дрим, низ Чаршијата придружувани од голем број верници.
И годинава поворката ја води церемонијално полициско возило, кое на симболичен начин ќе го одбележи чествувањето на свети великомаченик Георгиј, како покровител на полициските и безбедносни сили. Меѓу возилото и литијата дефилира коњаник, облечен во римска трибунска воена облека, изработена од автентични материјали, којашто е верна копија на оригиналните воени оклопи од тоа време, дело на познат италијански експерт за историјата на древната Римска империја. Коњаникот, кој во раката држи палмова гранка како симбол на мирот, има улога на посебен редар и најавувач на процесијата.
На чело на Еордијата е член од Бигорското братство со клепало, потоа носачи на крстови, рипиди, знамиња, псалти и братството на Бигорскиот манастир, оркестарот на Град Скопје, чудотворните икони на Свети Георгиј Победоносец и Пресвета Богородица - Крнинска, сестринствата од манастирите во Рајчица и Пречиста, свештенството на Дебарско-кичевската епархија, митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј и епископот Антаниски г. Партениј, и најпосле, најголемата светиња - моштите на светецот во раскошно украсен епитаф.
Моштите и овој пат се носени од четворица видни граѓани, придружувани и чувани од четворица капетани од сејменската гарда на Бигорскиот манастир, облечени во традиционална мијачка носија, со сејменски ќостек на градите, на којшто е претставен ликот на Свети Јован Крстител. Зад сердарите оди сејменската гарда, чии членови, исто така, се облечени во традиционални мијачки носии, со ќостек на градите со ликот на Свети Георгиј Победоносец.
Овој ден за стружани, според нивниот сограѓанин Марко, кој е и дел од сејменската гарда, претставува радост, среќа и сплотеност не само за Струга, туку и за регионот и за цела Македонија.
- Многу ми е мило што сум тука и што ја носам оваа Мијалка носија, што сум дел од Мијачката гарда, вели Марко.
Верничка, учесничка на литијата, вели дека посакува секој Македонец, секој христијанин да биде дел од овој ден кога Свети Георгиј чекори по струшките улици.
Сестра Ефимија од женскиот манастир Рајчица вели дека пораката за Христовото воскресение, за Христовата победа над сите состојби, кои од дамнина го измачуваат човештвото, како што може да се види во Струга се уште е многу свежа и силна.
- Ова торжество што се случува денеска тука културолошки најавтентично ја изразува традицијата, духот и идентитетот на нашата православна црква и на нашата држава пред целиот свет е едно од најбогатите сведоштва за таа победа. Силно посакувам оваа пасхална радост, оваа убавина да биде перманентен израз на македонскиот народ, порачува сестра Ефимија.