Општина Ново Село ќе набави возило за мобилна амбуланта за пружање здравствени услуги во населени места кои не можат да ги користат во местото на живеење, соопштија од Општината.

Мобилната амбуланта ќе се набави со средства обезбедени преку проектот „Мрежа за примарна здравствена заштита“, кој Ново Село го реализира преку програма за прекугранична соработка со Република Грција.

-Ова специјализирано возило ќе пружа здравствени услуги директно на граѓаните. Возилото ќе биде опремено со медицинска опрема, ИТ опрема и шестчлена екипа. Мобилната амбуланта ќе се движи низ општината, во руралните средини и ќе пружа примарни здравствени услуги. Медицинската опрема ќе вклучува апарат за мерење крвен притисок, спирометар, инструменти за мерење на шеќер, триглицериди и холестерол во крвта, оксиметар, два типа на ЕКГ, ЕХО ултразвук и друго. Медицинскиот персонал ќе врши различни видови прегледи и дијагнози и тие ќе бидат бесплатни за граѓаните, стои во информацијата од Општина Ново Село.

Вкупниот буџет на проектот изнесува 1.085.330 евра, од кои Општина Ново Село има буџет од 363.530 евра.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/10/2020 12:42