Министерот за локална самоуправа Горан Милевски, претседателот на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) и градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов и амбасадорот на ЕУ во земјава, Дејвид Гир денеска го означија почетокот на повикот за предлог-проекти „ЕУ за општините“.

Средства во висина од пет милиони евра обезбедува Европска Унија, а дополнителните средства за кофинансирање на проектите се обезбедени од буџетот на државата и ќе се реализираат преку Министерство за локална самоуправа. Повикот има за цел да ги зајакне единиците на локалната самоуправа преку три приоритети на ЕУ – солидарност, соработка и зелен пристап.

Министерот Милевски ги повика градоначалниците, граѓанските организации и бизнис заедницата заеднички да направат промени во општините преку проектот „ЕУ за општините“.

– ЕУ обезбедува пет милиони евра кои ќе бидат реализирани во општините чии проекти ќе бидат одобрени. Министерството за локална самоуправа од Буџетот на државата обезбедува 600.000 евра за кофинансирање на одобрените проекти. На овој начин им олеснуваме на општините да аплицираат и ги правиме подостапни за користење фондовите на Европската Унија. Повикот е објавен и ќе биде отворен до 30 декември. Условот е проектите да понудат нов начин на решавање на проблемите во општините. Со иновативни решенија да ги подобрат постојните или пак да креираат нови локални услуги, нагласи Милевски.

Европската Унија, како што рече, обезбеди и дополнителни еден милион евра за техничка подготовка на општините за аплицирање. – Нашето членство во Европската Унија е највисок приоритет кој што ќе го реализираме преку подобрување на условите за живеење за граѓаните во сите области. Многу од очекуваните промени треба да се случат и во општините, рече министерот за локална самоуправа.

Според Милевски, главните области на кои што треба да се фокусираат проектите се: иновативни решенија за нови услуги или за подобрување на постојните, подобра социјална грижа и социјални услуги, подобрување на капацитетите на кризниот менаџмент, економско опоравување по кризата со пандемијата, работни места и вештини, како и приоритети поврзани со климатските промени и одржливото користење на националните ресурси. Имплементацијата на проектот ќе трае три години.

Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов потенцира дека ЕУ продолжува со поддршка на земјава, а искуствата од европските региони и градови секогаш се добредојдени. Тоа, како што рече, го очекуваме и од овој проект кој е дел од програмата на ИПА 2 за 2020 во рамки на акцијата на ЕК „ЕУ за општините“, кој треба да обезбеди трансфер на знаења и практични искуства на европските локални власти на нашите општини.

Шилегов смета дека општините ќе го дадат својот максимум, ќе аплицираат за средства од проектот во соработка со своите европски колеги и ќе обезбедат иновативни решенија за подобрување на општинските услуги и подобрување на капацитетите на општинската администрација.

Амбасадорот Гир посочи дека ЕУ континуирано и помага на земјава за да ги надмине економските последиците од пандемијата со Ковид-19.

Тој информира дека проектите имаат за цел да ги приближат основните принципи на ЕУ за локална самоуправа до Македонија. Ова, како што рече Гир, ќе се реализира со општините на ЕУ преку споделување на искуство и знаење со македонските општини за тоа како најдобро да се решат локалните проблеми. Развојот на иновативни концепти и употребата на националните ресурси во справувањето со проблемите на локално ниво се охрабруваат во рамките на повикот. Со поддршка на ЕУ, локалните самоуправи ќе ги подобрат локалните услуги, оттаму, тие ќе бидат подготвени да ги преземат пошироките надлежности. Повикот за проекти „ЕУ за општините“ е кофинансиран од Владата.

Сите заинтересирани повеќе информации за повикот можат да најдат на следниот линк: https://webgate.ec.europa.eu/europeaid/online-services/index.cfm?ADSSChck=1603807873202&do=publi.detPUB&searchtype=QS&orderby=upd&orderbyad=Desc&nbPubliList=15&page=1&aoref=170320&fbclid=IwAR0BOoOwFMXPxgPxS2DPJEC8Et_I6ym8XFrgSWET8f4en4T4huMTqvxNnjw



Автор: Администратор
Објавено на: 29/10/2020 12:53