Собранието ја почна распоравата по Дополнетиот предлог за изменување и дополнување на Буџетот на Република Македонија за 2020 година, кој ги содржи и амандманите од комисиската расправа. Согласно Деловникот расправата трае пет работни дена.

Предлогот пред пратениците го образложува министерот за финансии Фатмир Бесими.

-Денеска пред вас се наоѓа документ, на кој чекаат многу засегнати граѓани и фирми да се усвои. Ефектуирањето на четвртиот пакет антикризни мерки зависи од усвојување на овој ребаланс. Со него се обезбедуваат средства за реализација на мерките од четвртиот пакет, рече Бесими.

Вкупните приходи со измените и дополнувањата на Буџетот на Република Македонија за 2020 година се планирани на ниво од 196,3 милијарди денари и истите се планирани на речиси идентично ниво во однос на планот, имајќи предвид дека со предходните измени и дополнувања на Буџетот истите беа планирани на ниво пониско за 11,5 отсто во однос на иницијалните проекции на Буџетот.

Вкупните расходи се планирани на ниво од 252,8 милијарди денари или за 5,5 отсто, односно за околу 13 милијарди денари повисоки во однос на иницијалниот Буџет за 2020 година (пред КОВИД кризата).

Врз основа на вака планираните приходи и расходи, дефицитот е позициониран во износ од 56,5 милијарди денари, односно 8,5 отсто од БДП.

Со ребалансот се предвидени 4,3 милијарди денари за финансиска поддршка за исплата на плата на вработени во приватниот сектор со надоместок во интервалот од 14,500 до 21,776 денари,во компании кои имаат поголем пад на приходите како последица на пандемијата, 1,6 милијарди денари за финансиска поддршка за ранливи категории погодени од COVID-19 за плаќање на домашни производи и услуги кај погодениите сектори, 412 милиони денари за Поддршка на производители, преработувачи и извозници на грозје, наливно вино и вино во шишиња, 9,8 милиони денари за Поддршка на дејноста туристички водич,регистрирани како самостојни вршители на дејност, 120 милиони денари за враќање на туристичка такса за 2019 година, за остварени ноќевања, 66,85 милиони денари поврат за Викенд без ДДВ, 799 милиони денари за државна гарантна шема и Царинска гаранција преку Развојната банка, со што се нуди дополнителна можност за полесен пристап до финансиски средства за поддршка на приватниот сектор, преку преземање на дел од кредитниот ризик и 330 милиони денари за грантови за туристички агенции, игротеки и ресторани за свадби.

Капиталните расходи се планирани на ниво од 19,1 милијарди денари или за 0,5 милијарди денари пониски во однос на планот за 2020 година, а се резултат на забавени економски активности, пролонгирање на инвестициони вложувања заради изборните дејствија, како и мерки за воздржување од набавки на мебел, опрема и возила, кои суштински и директно не се поврзани со справување со здравствено-економската криза предизвикана од вирусот COVID-19.

По скратена постапка на оваа седница се законски решенија од Министерството за финансии кои се во насока на реализација на мерките од четвриот пакет.

На дневен ред се Предлог на закон за финансиска поддршка на физички лица кои вршат самостојна дејност погодени од здравствено економската криза предизвикана од вирусот COVID-19 за месеците октомври, ноември и декември 2020 година, по скратена постапка, Предлог на закон за финансиска поддршка на работодавачите погодени од здравственоекономската криза предизвикана од вирусот COVID-19, заради исплата на платите за месеците октомври, ноември и декември 2020 година, по скратена постапка, како и Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност, по скратена постапка.

На дневен ред е и Предлог на закон за изменување на Законот за издавање на обврзници на Република Македонија за денационализација во прво читање, Предлог на закон за задолжување на Република Македонија со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка по Договорот за заем за финансирање на Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор, по скратена постапка, Предлог на закон за решавање на спорот помеѓу Владата на Република Македонија и Макпетрол АД Скопје по пат на спогодба, по скратена постапка, Предлог на закон за изменување на Законот за работните односи, по скратена постапка, Предлог на закон за изменување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, по скратена постапка, Предлог за престанок на функцијата член на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Македонија, Предлог за избор на судија на Уставен суд на Република Македонија, Предлог на закон за изменување на Законот за приватно обезбедување, Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за Централен регистар и Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам.

Од ВМРО-ДПМНЕ побараа да се симнат од дневен ред законските решенија кои се предложени по скратена постапка а не се поврзани со коронакризата, како и предлогот за решавање на спорот помеѓу Владата и Макпетрол.

-Работата на Парламентот почнува со лоша пракса да се поднесуваат закони со скратена постапка. Барам да се повлечат законите за пензиско, за АРМ, за задолжувањето, за спорот со Макпетрол и да се пуштат во редовна постапка за да може да дискутираме.Ако не ни се дозволи да имаме можност да дискутираме нема да бидеме тука за кворум, рече Николовски, кој додаде дека тоа не се однесува на законите по скратена постапка поврзани со корона-кризата.

Беше побарано од дневен ред да се симне и предлогот судијката Добрила Кацарска да стане судија во Уставниот суд, што исто така не беше прифатено.

Собранието пред почетокот на расправата за ребалансот ратификуваше повеќе протоколи и договори.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/10/2020 15:32