Собранието на Република Македонија денеска на пленарна седница треба да расправа за дел од најновите владини предлог-закони со кои се опфатени мерки од четвртиот анти-ковид пакет.

За сите предлог-закони се бара донесување во скратена постапка.

Пред пратениците ќе бидат Предлог-законот за финансиска поддршка на физички лица кои вршат самостојна дејност погодени од здравствено економската криза предизвикана од КОВИД-19 за октомври, ноември и декември 2020 година, Предлог-законот за финансиска поддршка на работодавачите погодени од здравственоекономската криза предизвикана од КОВИД-19 заради исплата на платите за октомври, ноември и декември 2020 година, како и Предлог – закон за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност.

На дневен ред се и Предлог-законот за задолжување на Република Македонија со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка по Договорот за заем за финансирање на Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор, Предлог-законот за изменување на Законот за работните односи, како и Предлог-законот за изменување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување.

Собранието треба да ги разгледа и Предлог-законот за решавање на спорот помеѓу Владата на Република Македонија и Макпетрол АД Скопје по пат на спогодба, Предлогот за престанок на функцијата член на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Македонија, Предлогот за избор на судија на Уставен суд на Република Македонија, како и неколку предлог-закони во прво читање: за изменување на Законот за приватно обезбедување, за изменување и дополнување на Законот за Централен регистар, за изменување и дополнување на Законот за спречување перење пари и финансирање тероризам и за изменување на Законот за издавање обврзници на Република Македонија за денационализација.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/11/2020 11:04