Македонската ракометна репрезентација забележа победа над Финска со 33:24 во 1. коло од Групата – 7 во квалификациите за Европското првенство 2022.
На дуелот одигран вечерва во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, рамноправно се играше само 15-ина минути, а потоа избраниците на селекторот Данило Брестовац при резултат 5:5, направија серија од 5:0 и водството го одржуваа до крајот на полувремето кое заврши 16:10.
На Финците во вторите 30 минути не им беше дадена шанса за надеж дека можат да го избегнат поразот. Македонците во два наврата имаа највисоки плус 10 (24:14 и 33:23).
Најдобар играч на натпреварот беше Кирил Лазаров со 11 погодоци.
Во второто коло, македонскиот национален тим ќе гостува на Швајцарија на 7 ноември.