Само 38 отсто од жените во руралните средини се сметаат за економски активни, а околу 22 процента од семејните земјоделски стопанства се регистрирани на жени или минимални 38.328 од вкупно 175.088. Жените во руралните средини просечно работат по околу 11 часа на ден. Притоа, 42 отсто од оваа нивна работа е неплатена.

Ова го покажа најновото истражување на Рурална коалициjа спроведено на 347 жени од Североисточниот и Полошкиот плански регион. Целта беше да се утврдат предизвиците со кои се соочуваат жените од руралните средини во делот на економската активност, потенцијалните мерки и активности за економско зајакнување на жената од руралната средина, како и влијанието на ковид кризата врз економската стабилност на жените од руралните средини.

Како што рече денеска на прес-конференција пред Министерството за земјоделство директорката на Рурална коалиција, Лилјана Јоноски, дури 73 отсто од испитаничките вклучени во истражувањето немаат имот на свое име, а само 39 проценти земаат субвенции.

-Една од основните причини зошто жената не може да се вработи или да основа сопствен бизнис е тоа што нема каде да ги згрижи децата за да може да работи, велат 64 отсто од испитаничките. Нема градинки или други можности за чување на децата во руралните средини или во близина, родителите работат, па целиот товар паѓа на жената. Освен прашањето за здравствената и социјална заштита на жената од руралните средини, поради неевидентирање на економската активност на жената во семејното земјоделско стопанство, таа нема платен стаж и можност за користење пензија кога ќе бидат исполнети условите за тоа. Вкупно 60 отсто од жените во истражувањето немаат сопствено здравствено и пензиско осигурување иако активно придонесуваат во работата и економските приходи во домаќинството, нагласи Јоноски.

Според неа, половина од испитаничките или 53 отсто, немаат информација дека постои мерката 115 за поддршка на активен женски член во земјоделските стопанства (неповратен грант за жени земјоделки до 3.000 евра), а дури 59 отсто немале информација дека повикот за оваа мерка е објавен. Исто така, жените од руралните средини не препознаваат ни други мерки за економска и финансиска поддршка, освен оние што директно се однесуваат на земјоделството и руралниот развој. Немаат информација ниту за мерките за поддршка што се нудат преку Министерството за економија, Агенцијата за вработување или други институции и фондови.

-Најголем дел од испитаничките (87 отсто) се изјасниле дека финансиската поддршка од 3000 евра не е доволна за економско зајакнување на жената од руралната средина, 53 проценти рекле дека е потребна поддршка меѓу 5.000 и 10.000 евра, а 28 отсто над 10.000 евра. Тоа значи дека жените треба да бидат подетално упатени во другите мерки во програмите и да се охрабрат да аплицираат за некоја поголема или посериозна инвестиција според свое видување, потенцира директорката.

Истражувањето на Рурална коалиција укажува и дека здравствено-економската криза предизвикана од КОВИД-19 има големо влијание врз социо-економскитеуслови на семејните земјоделски стопанства и врз жените во руралните средини. Ова го потврдиле 84 отсто од испитаничките.

Влијанието најмногу е почуствувано во делот на зголемување на трошоците за набавка на репроматеријали, средства за дезинфекција (58 отсто), намалување на продажбата на земјоделските производи (49 проценти), зголемување на цените на репроматериjалите и на услужните деjности (47 отсто) и намалување на земјоделското производство (39 отсто).

-Имаме неколку клучни препораки: да се зајакне свеста во руралните средини за улогата на жените во домот, во земјоделското стопанство и во локалната заедница. Да им се даде можност на жените да ја зголемат финансиска сигурност преку добивање имот и финансиска поддршка на свое име, како и рамноправен глас при донесувањето на одлуки во семејството, институциите и заедницата. Да се подобри квалитетот на живот на жените од руралните средини преку обезбедување социјална и здравствена и пристап до здравствени и социјални услугипотребни за нивно непречено делување во локалната заедница, да се зголеми информираноста и алатките во процесот на најава и објавување на мерката 115 и на други мерки од други извори за финансирање, но и да продолжи градењето партнерски однос со институциите, како и зголемување на довербата во нив и секако, да продолжи со работа Работната група за родова еднаквост и зајакнување на жените при МЗШВ каде што се вклучени и жените од руралните средини преку граѓанските организации, истакна Јоноски.

Дополни и дека руралното женско лоби ги предаде овие препораки до Министерството за земjоделство за да бидат земени предвид при креирањето на програмата за рурален развоj и мерките за поддршка за 2021 година, како и при креирањето на националната стратегиjа за земjоделство и рурален развоj 2021-2027.

Препораките беа изготвени во рамките на проектот „Родовата еднаквост – клуч за економски силна рурална заедница “ што Рурална коалиција го спроведува во партнерство со здружението на жени фармери Моја Фарма од Гостивар. Проектот „Родовата еднаквост – клуч за економски силна рурална заедница“ e финансиран како под-грант во рамките на проектот „Градење на капацитетите на МРР и нејзините членки” спроведуван од Мрежата за Рурален Развоj, а финансиран од We Effect.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/11/2020 14:44