Годинашнава реколта тутун е помала, но е квалитетна, нагласуваат од Сојузот на земјоделските здруженија. Почнати се подготовките за годинашниов откуп на тутунот кој ќе започне на 16 ноември.
Според Менде Стомнароски, се очекува реколтата да тежи околу 23.000 тони и е намалена зашто во почетокот на сезоната сушата си го направи своето. Но квалитетот е на ниво на ланскиот. Засега, од 10 -те компании, се знае само дека една ќе ги отвори откупните пунктови на 16 ноември.
– Во земјава годинава се 10 откупни фирми, од кои засега се знае дека на 16 ноември ќе почне Сокотаб од Битола. За другите, деновиве ќе има подетални информации. Идната недела е и запечатувањето на мострите, вели Стомнароски.
Од Сојузот апелираат во ситуација на пандемија, откупувачите да имаат разбирање и тутунарите да добијат втора шанса за закажување термин за откуп доколку го пропуштат, а потребно е да се детализира динамиката на откупот за да не се создаваат турканици и да се доведуваат сите во опасност од зараза.
– Апелирам до откупувачите да ја направат целата динамика на откупот на тутунот и да важи до крајниот рок, до крајот на февруари наредната година. Да им дадат втора шанса на тутунарите кои, поради пандемијата, некои не ќе може да го искористат рокот или датумот за откуп. Освен тоа и временските услови не погодуваат да се изврши домашна манипулација. Ние заедно со Министерствата за земјоделство и за здравство ќе бараме мерките за заштита да се почитуваат, да нема навалици и групирања пред вагите за откупот да тече непречено и да нема опасност од зараза, изјави Стомнароски.
Гоце Јончески од селото Заполжани има речиси 5 тони тутун. Очекува просечната да биде околу 230 денари за килограм.
– Имам тутун речиси 5 тони. Реколтата е квалитетна, како ланската Очекувам тутунот да помине со просечна цена од 220 до 230 денари и се што би било помалку би било нереално, рече Јончески.
Што се однесува до зголемување на цените, што со месеци бараат од Сојузот, Стомнароски вели дека дел откупувачи нешто зголемиле.
– Некои компании ги коригираа цените, а очекуваме и другите тоа да го направат. Нашите барања беа: првата класа да биде 280 денари за килограм, втората класа 220 денари, за третата баравме 170 денари, а четвртата класа да биде 90 денари. Баравме дополнителните класи да бидат исклучени. Доколку останат, првата дополнителна класа да биде 130-140 денари, зашто мислиме дека квалитетот е ист со третата класа само со покрупни лисја.
Засега, според откупувачите, првата класа е 280 денари, втората е 206, третата на 155, а четвртата класа е 90 денари. Останатите, дополнителните класи со цените остануваат на 80, односно на 60 денари, вели претседателот на Сојузот на земјоделските здруженија менде Стомнароски.
Тутунарите се задоволни што од годинава нема бели картони, а договорите ги потпишуваа директно со откупувачите. Но, стравуваат дека може да бидат изманипулирани од дел од нив зашто во договорите кои многу подоцна се потпишаа, некаде дури до половина им се намалени количествата за откуп. За тоа мора да излеземе на терен со инспекторатот вели Перо Стојкоски од Сојузот.
– За тутунарите олеснително е што од годинава нема бели картони. Но договорите се склучуваа подоцна, па има различен аршини за запишувањето на количествата тутун. Дел откупувачи во договорите ги намалија количествата тутун, без да се консултиураат со тутунарите. Тоа може да предизвика проблем, но се надевам дека со земјоделскиот инспекторат сите заедно ќе го решиме тоа. што се однесува за повисоките цени, тоа е сосема реално, ако се има предвид дека цените на цигарите неколкукратно се зголемуваа, вели Стојкоски.
Откупот на тутунот од годинашнава реколта ќе почне на 16 ноември, а 15 декември е краен рок сите 10 откупувачи да ги отворат пунктовите.