Вкупно 62 отсто од компаниите во земјава се соочуваат со недостиг на стручен кадар. Според последните анализи на Стопанската комора, нема доволно бравари, монтери, месари, касапи, келнери, готвачи.

Како што беше речено денеска на прес-конференција, стручниот кадар е потребен во сите сектори, но засега најмногу кубурат машинската индустрија, електротехничката струка, прехранбената и хемиската индустрија, туризмот и угостителството.

Комората апелира, бизнис заедницата активно да се вклучи во креирањето кадар со соодветни вештини и компетенции, согласно потребите на пазарот на трудот, преку процесот на дуално образование. Вакви позитивни примери има неколку, но не доволно.

-Потребен е максимален ангажман за дизајнирање пазарно-оперативни програми според потребите на компаниите, да постои комбинација на теоретска настава во школо и практична во компаниите. Стручен кадар е потребен во сите сектори на квалификации, но најмногу во секторот машинство и тоа за потреба на лица како оператори за машинско одржување и оператори на производна линија околу 362 лица, за машински техничари, оператори со ЦНЦ машини и бравари 124 лица, во секторот електротехника потребата се јавува за електричари, монтери и електротехничари околу 80 лица, во угостителство и туризам за келнери и готвачи околу 70 лица, во прехранбената индустрија потребата е од хемиски техничари, месари и касапи околу 70 лица, истакна в.д. директораката Билјана Пеева Ѓуриќ.

Според неа, досега преку Комората се обучени и сертифицирани околу 300 ментори од 245 компании.

-Додадената вредност е видлива и во грижата дали компанијата ги исполнила условите за реализација на практичната обука преку верификација што ја спроведува Комората. Процесот на верификација го поминале 25 компании, со тенденција бројот да расте, поради тоа што свеста кај компаниите за вклучување на учениците за реализација на практичната обука се зголемува, а тоа се гледа и од бројот на обучени ментори кои ќе работат со учениците, дополни Пеева Ѓуриќ.

Анета Петровска – Русомароски од ЕВН Македонија, лидер на проектот 20-20-20, информира дека од септември годинава првата генерација ученици веќе им се колеги, а тоа е потврда дека дуалното образование станува ефикасно.

-Бенефитот е двостран, компаниите добиваат имаат стручен кадар, а учениците стручно образование, напомена Петровска – Русомароски и соопшти дека во тек е нова програма, на македонски во Скопје и на албански во Гостивар, која овозможува да се обучуваат сите ученици од државата.

Лирим Сулејмани, раководител на КЕЦ Васил Главинов, пак, додаде дека она што беа наши цели, сега се реалност.

– Преку симбиоза на тероријата и праксата добивме стручен и компетентен кадар со вештини потребни на пазарот на трудот и специфичните потреби на нашата компанија. Дуалното образование освен стекнување соодветни вештини подразбира она што ќе го слушант, учениците да го пренесат во реални, практични услови. Ставањето акцент на практичниот дел значи и стекнување деловна култура, дисциплина, комуникација, однесување, што влијае и на карактерното оформување на кадрите кои по образованието на овој начиј полесно ќе се интегрираат во комапниите, рече Сулејмани.

На прес-конференцијата беше посочено и дека мора да се надминат стереотипите – во различните сфери на образование, доедукација и работење да се вклучува секој, независно од етничката, националната или родовата припадност.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/11/2020 14:35