Министерството за економија денеска го објави јавниот повик за кофинансирање на трошоци на занаетчии и вршители на занаетчиска дејност со кој се покриваат до 60 отсто од докажаните трошоци за набавка на алати и репроматеријали во 2020 година, но не повеќе од 60.000 денари.
Согласно Програмата за конкурентност, иновации и претприемништво на Министерството за економија, за оваа мерка предвидени се средства во вкупен износ од 20 милиони денари денари, а субвенцијата ќе се дели по принципот „прв дојден, прв услужен“.
-Право на учество на овој Јавен повик имаат занаетчии и вршители на занаетчиска дејност кои се регистрирани согласно Законот за занаетчиство и ги исполнуваат следните услови: да имаат деловно седиште на територијата на Република Северна Македонија, да имаат најмногу 5 (пет) вработени на неопределено работно време, да имаат намирени обврски кон државата и вработените. Еден апликант може да користи субвенција само еднаш по овој јавен повик. Разгледувањето и изборот на апликантите кои ги исполнуваат условите утврдени во Јавниот повик, ќе се прави по принципот „прв дојден, прв услужен“ односно по редослед на поднесување и пристигнување на апликациите во архивата на Министерството, сѐ до исцрпување на предвидените средства, инфомрираат од Министерството за економија.
Крајниот рок за аплицирање по овој јавен повик е 27 ноември годинава до 14:00 часот, а детали за начинот на аплицирање може да се најдат на веб-страницата на Министерството за економија: http://www.economy.gov.mk/doc/2856 .