Ракометниот клуб Еурофарм Пелистер ја известува јавноста дека натпреварот од третото коло на групата Д од Лига Европа против Кадетен Шафхаузен од Швајцарија ќе се одигра редовно, во вторник на 17 ноември во 18:45 часот во спортската сала „Боро Чурлевски“ без присуство на гледачи.

РК Еурофарм Пелистер навремено ја извести Европската ракометна федерација за позитивни случаи на коронавирус во екипата, стручниот и медицинскиот тим, како и за заразеност на сите голмани во екипата, пријавени за европските натпревари. По неколкудневна консултација клубот ја прифати препораката на ЕХФ натпреварот редовно да се одигра, соопшти битолскиот ракометен суперлигаш. Неколку од заразените ракометари ќе излезат од изолација и ќе им се приклучат на останатите кои со денови тренираат Битола. Останатите, посебно оние асимптоматски случаи тренираа индивидуално во своите домови.

Битолчани уверуваат дека и покрај краткиот период за заеднички тренинзи, Еурофарм Пелистер подготвен ќе го дочека натпреварот против првакот на Швајцарија.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/11/2020 14:45