Промоција на претприемништвото, зајакнување на партнерствата и остварување нови бизнис релации е главната цел во рамки на Глобалната недела на претприемништво (ГНП). Оваа еднонеделна иницијатива се случува истовремено во 170 земји ширум светот и поврзува над 10.000 партнери во активности насочени кон подобрување на условите за развој на претприемништвото, а домаќин на настанот е асоцијацијата "Стартап Македонија" со мисија да го поврзе стартап екосистемот а со тоа да зајакне и развие успешни стартапи во иднина.
- Глобалната недела на претприемништвото го слави претприемништвото и го поттикнува развојот на екосистемот во Македонија, преку градење партнерства и поврзување на заинтересираните страни да разменуваат знаења, контакти и идеи за развој и раст на претприемништвото. Веруваме дека тоа дава дополнителна вредност на заедницата и ја позиционира државава на глобалната мапа како земја со активен, добро поврзан и стабилен екосистем, вели националниот координатор на Глобалната недела на претприемништвото, Симона Чаминска.
Според Марија Димовска, проектен менаџер во Стартап Македонија, сeкоја година настанот обработува различни теми кои претставуваат столбови на кои треба општеството да одговори соодветно во однос на предизвиците, особено во време на Ковид-19 кризата на глобално ниво.
- Оваа година четирите теми на ГНП се стекнувањето на претприемачки вештини во рамки на формалното и неформалното образование, инспирирање на заедниците и организациите да остваруваат подобра соработка која ќе овозможи основа на претприемачите за скалирање на нивните бизниси, намалување на бариерите за основање на бизниси особено за младите и жените, поттикнување на инклузивноста во бизнисот, како и квалитетно креирање на политики за соработка меѓу екосистемот и Владата, вели таа.
Димовска објасни дека со оглед дека 2020 е година која донесе многу предизвици на сите сектори, Стартап Македонија одлучи преку овој настан да ги прикаже успешните инцијативи за кои целата стартап заедница лобираше за нивно успешно спроведување за зголемување на буџетот за помош на стартапите, за нивен брз развој и пласман на пазарот.
- На 16-ти ноември првиот ден од Неделата на претприемништво Стартап Македонија под името: „Лобирање за политики за развој на националниот стартап екосистем“ ќе ги истакне најдобрите примери како и следните чекори за создавање на повеќе можности за развој на стартапите. Главен фокус на настанот е важната соработка и потребата од постојана комуникација помеѓу претставници на стартап екосистемот и владата со цел да се донесат успешни политики за развој на домашниот екосистем, објасни таа.
Ангела Митриновска координатор на Seavus акцелератор, појасни дека заедно со партнерите ја прошириле агендата со теми за кои процениле дека ќе бидат од додадена вредност за публиката како што се инвестициите, дигитализацијата, зеленото претприемништво, женски бизнис, дигиталниот маркетинг и соработката со Корпорации од Македонија и светот како PwC, Oracle, Тиквеш, Телеком, НЛБ и други.
- За прв пат оваа година во склоп на ГНП го воведуваме и ,,Startup Huddle“ поточно "Стартап собиранка", со што ќе овозможи на неколку стартап основачи да дадат 6 минутна презентација за нивните технолошки решенија пред потенцијални клиенти. Претприемачите имаат 20 минути да продискутираат и одговорат на прашања од етаблирани бизниси од туризмот и земјоделието. Еден од интересните настани е и „Пијачка со претприемач“ која им дава можност на македонските претприемачи со јавноста дa ја споделат трнливата и мотивирачка патека за да поттикнат други млади во земјава и дека може тука да се изгради успешен бизнис со конкретно решение како за локалниот така и за меѓународен пазар, вели таа.
Митриновска потенцира дека стартапите кои поминуваат низ SEAVUS акцелераторската програма вложуваат огромен труд и енергија во оформувањето на нивниот производ и/или услуги и потенцира дека е важно стартапите да се дел од овој настан за да се вмрежуваат едни со други.
За Давид Павловски основач и извршен директор на Кiimo секој од претприемачите што е во процес на развивање на својот стартап потполно се внесува и заложува во креативниот процес што бара многу време и енергија.
- Глобалната недела на претприемништво ни овозможува на едно место во една недела да се запознаеме со сите расположливи средства во склоп на домашниот екосистем да ги претставиме нашите идеи на стартап сцената и да ја запознаеме јавноста со иновативниот капацитет на нашите стартапи, истакна тој.
Оваа година тимот на Глобалната недела на претприемништво својот ентјузиам за промоција на иновативните идеи и претприeмништвото со помош на нашите партнери Проектот за развој на деловниот екосистем на УСАИД, го претoчува во еднонедeлна програма на виртуелни активности која брои 54 партнер организации, 43 настани сеопфатувајки ги сите 4 ГНП теми со 120 говорници.