Вкупно 43 илјади ваучери за туризам се искористени заклучно до денес од 110 илјади изработени. Министерот за економија Крешник Бектеши е задоволен од реализацијата на мерката и од дадените ефекти бидејќи во време на криза, има пораст на бројот на домашни туристи.

– Согласно нашите анализи, ваучерите го дадоа ефектот за да им помогнеме на хотелските капацитети, вклучувајќи ги тука и приватните сместувачки капацитети. Тоа го покажува и извештајот на Државниот завид за статистика кој покажа дека во август имаме зголемување на бројот на домашни туристи за 8,9 проценти споредено со 2019 година, а зголемување на бројот на домашни туристи имаме и во септември за 33,7 проценти. Значи, во време на криза, имаме зголемување на бројот на домашни туристи. Мислиме дека овој тренд ќе продолжи и во октомври, ноември и во декември, истакна Бектеши, одговарајќи на новинарски прашања по денешната прес-конференција во Владата.

Во однос на тоа дали се можни злоупотреби со ваучерите, Бектеши посочи дека на дневна основа Министерството за економија го испраќа извештајот со искористени ваучери до Државниот пазарен инспекторат којшто ги прави контролите. Дополнително, како што нагласи, во уредбата со законска сила е предвидено дека тие луѓе кои ги добиле ваучерите, мора да достават документација за искористеност на ваучерите.

Не ја исклучи можноста, доколку е потребно, да биде креиран и нов пакет мерки за поддршка на туризмот.

– До крајот на годината ќе се направат дополнитени анализи во однос на ефектите што би ги дале мерките што денеска почнуваат да се анализираат. Во Предлог-буџетот за 2021 година се предвидени средства за реализација на ковид програми во висина од 50 милиони евра. Ако е потребно, во текот на следната година ќе направиме дополнителни измени во буџетот, иако во првиот квартал имаме обезбедени средства. Ако е потребно, ќе има и петти и шести сет мерки, но секако сите заедно сакаме оваа криза што поскоро да помине и да се врати економската активност, рече Бектеши.

Напомена и дека од следната година ќе се намали и ДДВ-то за угостителски дејности.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/11/2020 15:34