Горивата од ноќеска на полноќ поскапуваат за денар до денар и половина за литар, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ). Со одлуката се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 3,11 отсто.

Малопродажната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемува за еден денар за литар, додека малопродажните цени на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95, ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,5 денари за литар.

Новата малопродажна цена на ЕУРОСУПЕР БС – 95 ќе изнесува 60 денари за литар, ЕУРОСУПЕР БС -98 ќе с епродава за 61,5, ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) за 51, а Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) за 51 денари за литар.

Со одлуката на РКЕ за 1,384 денари за килограм се зголемува и малопродажната цена на Мазутот М-1 НС и ќе изнесува 27,58 денари.

-Неколку причини, односно информации влијаат врз зголемување на цената на нафтата. Најавите од ОПЕК за разгледување на можноста од значително намалување на производството на нафта и во 2021 година, како резултат на дополнителните ограничувања на движења, наметнати поради пандемијата во Европа е една од причини која придонесе за пораст на цената на нафтата. Се проценува дека со ваквиот пристап ќе се овозможи да настане умерен пад на глобалните залихи, кој се очекува да се забрза со средината на 2021 година, изјави претседателот на РКЕ Марко Бислимоски.

Во исто време, додаде, како ценовно чувствителна се рефлектираше објавената информација на фармацевската компанија Pfizer, дека вакцините за Covid-19, се покажале како ефикасни во 90 отсто кај случаевите кои се испитуваа во доцна фаза.

-Реакцијата на оваа вест во нафтениот сектор предизвика скок на цената на нафтата за повеќе од 10 отсто, што покажува колку се важни позитивните вести поврзани со пандемијата. Растот на цената на нафтата исто така реагирала овој период и на падот на амеркинаскиот долар и победата на Бајден, со која се најавува завршување на трговската војна која со Кина и ЕУ ја отвори Трамп, оцени Бислимоски.

Во изминатиот седумдневен период сите референтните цени на светските берзи бележат зголемување: кај бензинот за 8,563 отсто, дизелот за 9,152, екстра лесното масло за 10,956 и кај мазутот 9,339 отсто. Во истиот период курсот на денарот во однос на доларот е понизок за 0,831 отсто.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/11/2020 19:51