Ставот на Владата е дека се уште не е дојдено времето за полициски час и дека мерките кои се донесени од здравствен аспект даваат резултат, но ја следиме здравствената состојба и по препораки од Комисијата за заразни биести ако е потребно ќе реагираме, порача денеска вицепремеирот за економски прашања Фатмир Битиќи.
-Економските последици се поврзани со полицискиот час. Колку го кратите времето на работење на економските субјекти, толку повеќе се очигледни загубите. Кажавме дека соодветно ќе одговориме со економски мерки доколку има потреба заради здравствената криза. Се што е испланирано до крајот на годината го реализираме, повеќето од законските одредби се поминати во Собрание, а некои се во постапка. Сметам дека до крајот на годината сме покриени од аспект на економските мерки за сузбивање на ударот од економската риза на Ковид – 19, рече Битиќи во одговор на прашање на денешната прес-конференција во Владата.
Тој посочи дека евентуалното зголемување на минималната плата не мора да значи дека ќе има адекватни буџетски импликации, бидејќи, како што рече, минималната плата се аплицира не само во јавниот, туку и во приватниот сектор.
-Ја следиме состојбата. Прв приоритет ни е здравствената состојба, а кога ќе помине и ќе почнат нормалните текови на живеење ваките теми ќе дојдат на ред. Мислам дека првата половина на 2021 година ќе биде со фокус на здравствената криза и последиците од неа, а при крај на првата половина од наредната година ќе можеме да се фокусираме и на други теми, рече Битиќи.
Нагласи дека останува еден од највисоките приоритети владината определба за намалување на јавната администрација од 20 отсто, но приоритет, како што кажа, е и да се обезбеди непречено функционирање на сите владини институции и органи на управа.
-При тоа треба да се зајакнат капацитетите таму каде што ефектот ќе биде поголем како што се инспекторатите и министерствата за внатрешни работи и одбрана. Можно е да има отпуштања и намалување на администрацијата, но од друга страна има потреба од дополнување на соодветен кадар таму каде што недостига. Функционалната анализа укажува дека има недостаток во одредени институции, но и превработеност во одредени сегменти. Намалувањето на јавната администрација нема да биде значително во 2021 година и тој процеес ќе трае малку подолго, но на краток рок од година до година и половина ќе дојдеме до тоа што го имаме ветено за намалена администрација за 20 отсто, прецизира Битиќи.
Прашан за што ќе се трошат трите милиони евра повеќе што се предвидени во собранискиот буџет за наредната година и дали ќе бидат наменети за зголемување на платите на пратенците, Битиќи рече дека за тоа треба да каже претседателот на Собранието.
-Во 2020 година се донесе Законот за финансиска независност на Собранието според кој тие сами треба да управуваат со буџетот кој го бараат. Тие побарале, Владата одобрила поголем буџет за три милиони евра и соодветно на тоа претседателот на Собранието треба да каже како ќе се трошат тие средства и каде ќе се распределат парите. Може да се искористат за зголемување на платите на администрацијата зашто законот предвидува сами да дефинират потреби за вработување или потреби за различно наградување и компанзација на работните места во Собранието, потенцира Битиќи.