За успешна и поголема реализација на капиталните инвестиции, во Предлог – буџетот за 2021 година предвиден е функционален механизам за подобрување на реализацијата, што подразбира насочување на средствата кон проектите со поголема реализација, соопшти денеска владината прес-служба.

За таа цел средствата ќе бидат распределени на буџетските корисници во текот на буџетската година, на квартално ниво – од оние со слаба кон оние со поголема реализација на капиталните расходи. Механизмот е познат како КАПЕФ со прецизни таргети на реализација од 15 проценти, 40 проценти, 65 проценти и 100 проценти соодветно во првиот, вториот, третиот и четвртиот квартал од годината. Доколку во нареден квартал оние буџетски корисници на кои им биле одземени средствата направат подобра реализација, тие ќе им бидат вратени.

Капиталните инвестиции со Предлог буџетот се планирани на ниво од околу 23 милијарди денари или за 20 проценти повисоко во однос на планот за 2020 година. Финансирање на инвестициите е планирано да се обезбеди со средства од повеќе извори: буџетски средства, ИПА фондови и заеми.

-Владата согласно приоритетите во предлог Буџетот 2021 година, се фокусира на имплементација на капиталните инфраструктурни проекти во патната и железничката инфраструктура, енергетската и комуналната инфраструктура, гасификација како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот, социјалниот систем, правосудството, земјоделството како и заштитата на животната средина, се вели во соопштението.

Од Владата истакнуваат дека кон подобра реализација на капиталните инвестиции треба да придонесе и Националниот инвестициски комитет кој ќе се координира на ниво на Влада за да се зајакнат инвестициите во инфраструктурата.

Зајакнување на инвестициите во инфраструктурата, како што информираат, опфаќа модернизирање на патна и железничка инфраструктура и тоа завршна реконструкцијата на железничката пруга на Коридор 10; делницата Куманово – Бељаковце – Крива Паланка од Коридор 8; изградба и рехабилитација на мостови, железнички станици, стојалишта, подвозници и надвозници.

Тука се опфатени и реализацијата на патна инфраструктура како автопатот Скопје-Блаце, делницата на автопатот Кичево-Гостивар, завршување на автопатот Кичево-Охрид; како и гасоводите Скопје-Тетово, Гостивар-Кичево, интерконекторите со Грција, Србија и Косово. Воедно и реализацијата на Проектот за локални патишта – подобрување на патна инфраструктура во општините; проектот за олеснување на трговијата и транспортот на Западен Балкан; изградбата на железнички граничен премин со придружни содржини „Табановце“; проект „Воведување на брз автобуски систем во Град Скопје“; изградба на патната делница Градско –Дреново.

Инвестициите во енергетска и комунална инфраструктура и управување со отпад опфаќаат интензивирање на изградбата на водоводните и канализационите системи во општините и имплементација на Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор, со која се опфатени општини и јавни здравствени установи; пречистителна станица за отпадни води во Скопје; надградба на колекторскиот систем во Скопје, Кичево, Битола и Тетово изградба на пречистителни станици и систем за управување со отпад и затворање на депонии во Источниот и Североисточниот регион.

Дополнително вложувања се предвидени и за уредување на технолошко индустриските развојни зони преку изградба на инфраструктура за подобри услови за работа и објекти како и геомеханички истражни работи, велат од Владата.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/11/2020 15:30