Респираторна машина, систем за контрола на оддалеченост и одржување дистанца и соларна лежалка се пронајдоците кои добија награди за 2019 година во рамки на манифестацијата МАКИНОВА. Наградите ги додели директорот на Државниот завод за индустриска сопственост Горан Герасимовски.

-И покрај околностите во кои се наоѓаме оваа година заради КОВИД-19 пандемијата мора да застанеме и да им оддадеме признание на креативните умови кои со својата работа рушат бариери. Токму во ова време е важно да дадеме поддршка на иноваторите и да ги поттикнеме да продолжат да создаваат, рече Герасимовски.

На годинашниот саем, како што додаде, беа претставени многу електронски уреди и помагала кои се наменети за помош во справувањето со коронавирусот.

-Овие изуми се доказ дека помошта во време на криза доаѓа токму од иновациите. Продолжуваме да негуваме партнерски однос со иноваторите за да креираме амбиент кој ќе овозможи уште бројни успешни проекти во иднина, потенцира Герасимовски.

Манифестиацијата МАКИНОВА е место каде македонските иноватори треадиционално ги презентираат своите производи. Наградите се доделуваат во знак на соработката меѓу Заводот за заштита на индустриска сопственост, Народна Техника и Сојузот на пронаоѓачи и автори на технички унапредувања – СПАТУМ.

Традиционално Заводот доделува три награди –Диплома и парична награда, една во категоријата на пријавен патент и две награди во категоријата на млад пронајдувач.

Прозиводите, како што соопштија од Државниот завод за индустриска сопственост, кои беа дел од саемот за пронајдоци МАКИНОВА оваа година се презентираа онлајн, согласно мерките за заштита од КОВИД-19.

Наградите се доделуваа на отворено, следејќи ги сите протоколи за превенција од ширење на вирусот.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/11/2020 00:25