Владата објави Повик до сите јавни институции, приватни компании и граѓански организации во земјата заинтересирани да бидат акредитирани за директен пристап до и спроведување на проекти финансирани од Зелениот климатски фонд (ЗКФ) со цел реализирање на националните приоритети за климатска акција.
Повикот е објавен во рамки на вториот проект на земјата од Програмата за подготвеност и подготвителна поддршка на ЗКФ, кој го спроведува Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нации (ФАО) под раководство на ННО, конкретно проектната компонента фокусирана на олеснување на директен пристап до климатски финансии.
Целта е да се поддржи земјата за пристап до финансиски средства од ЗКФ преку национални субјекти, т.н. Субјекти за директен пристап, што значи дека климатските финансии можат да се насочуваат директно во земјата без посредство на меѓународни партнери. Ова ќе и овозможи на земјата сопственост врз климатското финансирање и истото подобро да го интегрира во националните акциски планови за клима. Субјектите со директен пристап можат да бидат субјекти на национално, регионално и локално ниво (министерства, владини агенции, климатски фондови, комерцијални банки, приватни компании, граѓански организации и други правни лица) проценети според нивните капацитети како подобни за развој, спроведување и / или следење на проекти / програми од Зелениот климатски фонд, во согласност со приоритетите на земјата за ангажман со Фондот.
Детални информации за отворениот повик, условите за аплицирање и целокупниот процес на приоритизирање и избор на потенцијални Субјекти за директен пристап до ЗКФ во Република Македонија, се достапни на веб-страницата на Зелениот климатски фонд.