Секојдневното медиумско известување за Ковид-19 остава последици кај популацијата од руралните средини, без разлика дали се работи за помлади или повозрасни. Во разговор со дел од жителите во пехчевскиот регион, тие велат дека одамна ништо не е како порано.

За помладите ситуацијата за вирусот е пренагласена, додека повозрасните пехчевци се пожалија дека коронавирусот не им остава простор за дружба и се повеќе ги оддалечува едни од други.

-Времето е такво, ако ние не се пазиме, нема кој да не пази. Стара популација сме, ризична група и повеќе сме дома и во пензионерскиот дом, вели жител на Пехчево.

Помлад жител на селото Црник рече дека постои притисок и смета дека не е толку реално колку што се кажува на телевизија. Вели дека тоа најмногу влијае на менталното здравје.

-Секако дека остава последици, доаѓа време кога ќе се раздвоиме, нема да се дружиме. Кога не се меша човек со човек, ќе не разделат, велат пензионери од Пехчево.

Пехчевци што ги прашавме најмногу ги погодува седењето дома. Ако порано, велат тие, од здравствени причини пешачеле и по 10 километри, сега поради ситуацијата со пандемијата и таа можност им е ускратена.

-Многу дома седиме. Јас секој ден шетав по 10 километри, сега 3-4 километри на ден, но на двапати, по половина час, додава повозрасен жител на Пехчево.

Нивното внимание сега е насочено кон вакцинацијата против сезонски грип. Тие што не успеаја да бидат меѓу 84-те граѓани вакцинирани со првите обезбедени вакцини, очекуваат да ја примат наредната недела.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/11/2020 16:26