Според резултатите од мерната станица за следење на квалитетот на амбиенталниот воздух лоцирана во дворот на градинката во населбата Тунел, која е на МЖСПП, дури 23 дена биле регистрирани изразено високи концентрации на ПМ 10 честички во воздухот во градот, информирмираат од Одделението за заштита на животната средина на Општина Велес.

Појаснуваат дека доминатно е загадувањето од домаќинствата и сообраќајот, но и од индустриските капацитети и останати загадувачи во градот. Информираат дека во текот на оваа 2020 година што изминува, дури 88 денови имало надминување на среднодневната концентрација на суспендирани честички, што е за 53 денови повеќе од дозволениот број на надминувања во текот на една календарска година.

Од друга страна пак, ниту еднаш не бил надминат прагот на алармирање, а тоа се случува кога во два последователни денови се измерени среднодневни концентрации на ПМ 10 честички поголеми од 200 микрограми на метар кубен. Годинава само четири пати бил надминат прагот на информирање кога биле измерени ПМ 10 честички повисоки од 100 микрограми на метар кубен, информираат од Одделение за заштита на животната средина на Општина Велес.

Општина Велес континуирано и овојпат упатува апел и препораки до граѓаните рано наутро и доцна навечер да избегнуваат излегување надвор, да ги одложат сите активности на отворено. Правилно да се користат печките за дрва, да користат јавен превоз, да го намалат возењето на автомобилите со што ќе се придонесе за почист воздух во градот.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/12/2020 02:12