Средното стручно училиште од Куманово „Киро Бурназ” стана државно средно училиште, регионален центар за стручно образование и обука, сооопштија надлежните од училиштето. Заинтересираните за дообука, доквалификација и преквалификација ќе имаат можност да се стекнат со знаења и вештини во ова училиште и да станат поконкурентни на пазарот на трудот.

– „Киро Бурназ” Куманово од 24 ноември годинава со одлука на Владата на Република Северна Македонија, официјално премина во државно средно училиште – Регионален центар за стручно образование и обука или ВЕТ центар за Североисточен плански регион и тоа центар, кој води кон извонредност од две струки: земјоделско-ветеринарната и хемиско-технолошката. Концептот за развивање на РЦСОО обезбедува насоки за превземање понатамошни чекори кон атрактивно, ефикасно и ефективно стручно образование и обука со опфат на формалното, неформалното образование на возрасни и валидација на неформалното и формалното учење – изјави директорката на училиштето Весна Трајковска.

Таа појаснува дека во ВЕТ центрите акцент се става на неформалното образование и можноста за доквалификација, преквалификација, валидација или стекнување ново занимање, со посетување на соодветна обука.

– Со оглед на тоа што нашето училиште во наредниот период ќе биде комплетно инфраструктурно реновирано ќе се стави во употреба и досега неупотребуваниот Ученички дом што е во состав на нашето училиште. Ќе биде комплетно опремено со современа опрема и нагледни средства, не само за профилите за кои ќе бидеме Регионален центар, туку и за сите други профили кои ги имаме во формалното образование. Со тоа ќе имаме поефикасно и поефективно образование и ќе продуцираме квалитетен кадар кој ќе одговори на потребите на пазарот на трудот. Кадарот со кој располагаме е доволен за реализирање на моменталните програми, а понатаму за нови обуки со нови содржини ќе имаме можност да ангажираме соодветен кадар според потребите – вели Трајковска.

Во овој центар ќе се спроведува принципот на доживотното учење и ќе се постигне поголема флексибилност и вработливост за сите слоеви на населението, за да се изгради општество кое се темели на знаење, конкурентност и инклузивност. Во училиштето ќе продолжи формалното образование застапено со веќе постоечките профили (земјоделско-ветеринарна струка, хемиско-технолошка, машинска и лични услуги), но ќе се врши и обука на возрасни со веќе верифицираните програми. Ќе има можност и за подготвување програми за обука согласно потребите на пазарот на трудот општините од целиот регион. Во центарот ќе можат да се едуцираат ученици, возрасни и наставници.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/12/2020 13:44