Тимот „Sun Rolls Systems” од скопската гимназија „Јосип Броз Тито“ освои прво место на Кампот на иновации – натпревар на средношколци во банкарски сектор, кој се одржа од 25 ноември до 9 декември во организација на Џуниор Ачивмент Македонија, во соработка со Шпаркасе банка и Бизнис академија Смилевски Скопје.

Решението кое го понудија учениците се ролетни со соларни панели кои сончевата ја претвораат во електрична енергија. Производот е „зелен“ и ја штити околината.

Во натпреварот учествуваа 109 средношколци од 10 средни училишта од девет града и нивните ментори-наставници од Скопје, Гостивар, Крушево, Виница, Охрид, Прилеп, Берово, Гевгелија и Куманово. За подобра тимска работа и постигнување подобри резултати на натпреварот помогнаа 14 бизнис-волонтери.

Учениците имаа можност преку низа тимски активности, користејќи ги сите придобивки од технологијата да ја покажат својата креативност, иновативност и знаење во областа на претприемништвото пред петчлено жири.

Наградите беа доделени во саботата, а на свеченоста се обратија Џ.Р. Литлџон од Амбасадата на САД, директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Коста Петров, генералниот извршен директор на Шпаркасе банка Глигор Бишев, заменик министерот за образование и наука Арафат Шабани и извршниот директор на Џуниор Ачивмент Македонија Љупка Панчевска.

Натпреварот е дел од Проектот за Поддршка на претприемничко образование во Европа и Евроазија, поддржан од УСАИД и ФИТР, кој им овозможува на младите да се стекнат со практично искуство за водење бизнис и развивање нови вештини кои се потребни за успешно водење на економијата во земјата.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/12/2020 14:27