Основното јавно обвинителство во Скопје поведе постапка против две лица за кривично дело – Измама, предвидено и казниво согласно член 247 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик, поради лажно прикажување факти за својот идентитет.

Од Јавното обивнителство соопштија дека како соизвршители на кривичното дело, лицата на возраст од 30 и 40 години од Долно Свиларе, од кои едниот бил вработен во Агенцијата за национална безбедност, а другиот како униформиран полициски службеник во СВР Скопје, стапиле во контакт со едно лице на кое лажно му прикажале факти за својот идентитет.

Со намера за себе да прибават противправна имотна корист, тие му се претставиле со лажни имиња и му прикажале лажни факти според кои против правно лице од Куманово се води постапка од одделението Интерпол при МВР Скопје.

Притоа, тие му презентирале електронско досие во кое имало докази за наводно незаконско работење, противправно посредување во средување на визи за косовски државјани, нелегално пренесување и продажба на ПЦР тестови за Ковид-19 и други незаконитости во работењето.

-Оштетениот го одржале во заблуда така што му прикажале лажни факти дека во Одделението за Интерпол во МВР Скопје наводно работат сопруга и братучед на еден од осомничените, па му побарале пари за предметот против правното лице да биде затворен. На договорена и остварена средба со оштетениот на 8 декември во Визбегово, оштетениот им исплатил 600 евра кои претходно биле криминалистичко-технички обработени и фотографирани, се наведува во соопштението на ЈО.

Оттаму посочуваат дека по лишување од слобода, парите биле пронајдени кај еден од осомничените.

Имајќи предвид дека постои опасност од бегство и присуството на осомничените во текот на постапката не може да се обезбеди со ниту една друга мерка, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерка притвор.

Судијата го прифати предлогот и на двајцата осомничени им определи притвор во траење од осум дена.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/12/2020 19:43