На 76 годишна возраст почина скопската урбана легенда од срцето на Дебар Маало Славе Биљбиљ.
Според информациите во медиумите, Славе починал ненадејно од срцев удар.
За неговиот лик и дело, Скопјани, особено оние староседелците знаат многу анегдоти а една таква пишува и Мојсо Мојсовски во колумна:
- Легендата од улицата „Ѓорѓија Пулески“ во срцето на Дебар Маало на мојата генерација и стана познат по „Тениско“ во Градскиот парк,врталиште на младите рамно на сегашниве кафулиња, со далеку поскромен ентериер и угостителски асортиман,но со неизмерна топлина и интимност што зрачеа на секој квадратен сантиметар од малиот како кутивче објект.Овде газдува Славе, најстариот син на Илија Кокиновски, познат скопски занаетчија – чешлар,а подоцна по природата на нештата му се придружува Васка, прекрасна жена која стави ред и поредок у „Тениско“.Тука се доаѓаше везден, стално имаше убави луѓе,да ти е мерак да поседиш на чашка муабет и мезе. Биљбиљ во џебот имаше црвен картон. Им го покажуваше на гостите што држеа цела маса, а порачуваа кока-кола или обично турско кафе (сега е македонско) се разбира и вратата.
Со вакви нарачки ништо не праам, ај со здравје.
Црвен картон добиваа и постојани гости за кои ќе разбереше дека оделе и кај Стојче у Маракана или у Езерце.
Вечна му слава.