Општина Карпош почна да спроведува online анкета за КОВИД-19 , односно за прашањата коишто изминатите 10 месеци најмногу не мачат и загрижуваат, а се поврзани со пандемијата од коронавирусот. Граѓаните на Карпош треба да одговорат на тоа како секој еден од нас се справува со овој вирус и како e информиран за здравствената криза.

Преку учеството во оваа анкета, жителите на Карпош треба да дадат значаен придонес во развивањето на општинската стратегија за борба и заштита од КОВИД-19 и други епидемиски закани, кои подеднакво можат да го погодат секого.

Општината Карпош, како дел од заедничкиот проект за утврдување на најдобри практики и алатки за заштита од Ковид-19 на локално ниво, учествува во изработка и спороведување на соодветна општинска стратегија, за да го подобри градењето на капацитетите на Општинскиот кризен штаб, преку промовирање на нов локален пристап кон заканите од заразни болести и епидемиски состојби. Во таа насока, општината се стреми кон промовирање активен локален одговор на ризиците и заканите од КОВИД-19.

Центарот за добро владеење и интегритет ХАБ Скопје со својот стручен тим се партнери при реализацијата на овој проект, кој е поддржан од страна на Програмата CIVICA Mobilitas, финансирана од страна на Швајцарската агенција за развој за и соработка-SDC.

Карпош секогаш настојува да го слуша гласот и ставовите на своите сограѓани, и врз основа на тоа понатаму да гради општински стратегии и политики, преку кои соодветно ќе ги унапредува локалните процеси и живеењето во заедницата.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/12/2020 13:05