Стотици народни песни кои се создадени во 19-тиот век и пренесувани со пеење, денес ни откриваат каков живот имале луѓето во минатото. Ова е една од причините Владимир Кочоски, публицист од Тетово со децении да истражува за потеклото на стиховите на познатите тетовски песни и со тоа да ја долови сликата за тоа како се живеело во градот под Шара. Откако во 2006 година ја издава „Песни и судбини“ во која се истражени 15 песни, годинава излезе од печат и продолжението наречено „Огреала месечина од Солуна до Тетоо“ со седум текстови посветени на песните што се создадени со пеење по тетовските сокаци пред повеќе од еден век.

-Најголемиот дел од песните се настанати во последната деценија од 19-тиот век, што се објаснува со фактот дека отоманската империја ја губи силата и стегите врз народот на територијата на Македонија како една од областите подалеку од Истанбул. Во вечерните часови кога заптиите се повлекувале, нивното место го заземат групи млади кои тргнувале по серенади и на тој начин со музика и песни ја искажуваат симпатијата кон девојките. Тоа е време кога се испеани најпопуларните народни љубовни песни за многу девојки кои биле убави и по кои копнееле младите тетовци. Во дел од песните се евидентираат тешките судбини на народот кој живеел во тоа време, за нивните разни трагични настани кога умирале деца, млади мажи и жени и слично. Секако присутни се и хумористични песни, како и стихови со кои се опишува општествено-политичкиот политички живот во кој се живеело, вели авторот Владимир Кочоски.

Авторот потенцира дека нема пишани податоци за тоа кој ги создавал песните, за музичките творци, но смета дека станува збор за поимотните семејства кои ги испраќале своите деца на школување во други градови и земји.

-Децата биле праќани на школување во Солун, Софија, Белград, Букурешт, градови со кои имало трговски врски или пак имало некој на печалба. Од тие градови се претпоставува дека стигнале и првите инструменти со кои свиреле тајфите по кафеаните, седенките и серенадите, по кои Тетово е прочуено, потенцира Кочоски.

Голем е бројот на песни создадени за девојките кои биле посакувани од младите тетовци со желба да им бидат нивни сопруги. Така се родиле песните „Срце ме боли од мерак за Трпана“ за Трпана Аноа, „Благуњо дејче пожаранче“ за Благуња Пожаранка, „Отвори ми бело Ленче вратата“ за Ленче Мисоа и други.

Тетовскиот новинар преку своите истражувања доаѓа до сознанија дека „Отвори ми бело Ленче вратата“ потекнува токму од градот под Шара. Тој во својата книга ги објавува првобитните стихови кои се пееле на серенадите во Тетово, за разлика од сегашните верзии кои се пеат низ народот, а ја има и на носачи на звук.

По трагите на песната „Отвори ми бело Ленче вратата“ авторот доаѓа до приказната за љубовта помеѓу Нофо Сунѓин Сибиновски и Ленче Мисоа.

–Една вечер таткото на Ленче, Мисо Тирев, кондураџија од маалото Певчина, на жена си замислен и кажува дека од стројници разбрал дека Нофо, кој бил порано измеќар кај Ано Јаковчев ја засакал нивната ќерка. Тој не сакал да ја даде кај поранешен измеќар, туку да ја вдоми во богата фамилија. Воедно во нивното семејство се подготвувале за веридба на Ленче со Миле Бошњак. Откако Нофо зачестил со серендите под прозорецот на Ленче, мајка и Ефка почнала да спие во собата од ќерка си. На тој начин Ленче не смеела да се појави на прозорецот и така настанала песната “Отвори ми Бело Ленче вратата“, наведува Кочоски.

Отвори ми бело Ленче вратата

со твојте бели Ленче, рачиња

Земи си бело Ленче борина

да не ти влезам Ленче в темнина

Ја не можам млади Нофо

да станам, да ти отворам,

свилен ми ф’стан Нофо

под мајка аман под татко

Ја земи си бело Ленче, ножици

па сечи си Бело Ленче ф’станот

Ја ќе ти купам Ленче поубав

од черек лира, Ленче аршинот

Нофо непрекинато ја пеел песната со месеци заедно со другарите. Тој го послушал советот на Ано Јаковчев, ако сака да ја побара раката на Ленче, да стокми нешто повеќе пари за женидба. Така и направил, па по неколку месеци испратил стројници, по што Мисо Тирев се согласил да ја даде ќерката за мажење. Во бракот им се родиле три девојчиња Радмила, Славка и Менча. Сепак кратко потоа Ленче умира поради болест, а Нофо по неколку години се преженува како млад вдовец.

Според авторот песната која е широко прифатена низ Македонија во време кога се пренесувала со пеење, едноставно било потешко да се изговара Нофо, па затоа било заменото со либе, Миле и слично како што се споменува во разни изведби.

Владимир Кочоски трагајќи по песна за друга Ленче, (Ленче Боуно легна) дознава многу работи кои се карактеристични околу општествено-политичкиот живот. Ја опишува борбата на патријаршисти и егзархисти за влијание меѓу македонското население со српска и бугарска пропаганда.

-Поп Симо, односно архимандрти Сава е со патријаршистите, татко на Ленче. Ќе има четири ќерки и еден син. Синот учи богословија во Призрен и умира на 17 години. Ленче ќе оди да учи филозофија во Одеса, во Русија. Кога се враќа назад, ниеден тетовец не и приоѓа, убава и со школо, но со такво школо немало никој во Тетово. Таа го видела конзулот од Англија во Тетово кој поминувал со коњ и рекла „Ќе се мажам за него или за никого“. Но ја фаќа туберкулоза на 27 години и таа умира. Жената на архимандрит Сава, умира исто млада, па бабата се грижи за децата. Во еден период кога доаѓа потреба поп Сава да ги изглади односите со поп Мисо кој е претставник на егзархистите, околу црквата Свети Никола, бидејќи ја користат двете страни. Доаѓа време потоа во кое поп Сава една ќерка ја мажи за син на поп Мисо, а другата за Сане член на егзархија, а третата за Ѓиго Мартинов, вели авторот.

„Бог да биде Јоше Ќупче Бојанин“ е песна која претставува хумористичен приказ од животот во Тетово. Тој живеел 96 години, а на 72 третпат се оженил и имал дете една година подоцна. Песната се однесува за неговата втора жена.

-Бог да биде Јоше Ќупче Бојанин што ја зеде Пауна со два ума. Покрај река одеа, локум, шеќер јадеа, пресна бира пиеја. Пауна како дете отишла во Солун, таму учела школо гимназија и по некоја случајност, по смртта на мажот се мажи за Јоше Ќупче, па судбините им слични со трагични моменти, вели Владимир Кочоски.

Овие истражувања и книги се обид со помошта на пишаниот збор трајните културни вредности создадени од народот да бидат овековечени и да им останат во трајно наследство на идните генерации, објаснува Кочоски за неговата цел и љубов кон овие дела.

-Човечкиот живот е како стапалки во снег. Ќе остави траги, но штом сонце огрее снегот се топи и стапалките ги снемува. Остануваат само спомените за нечие постоење. Така народните песни опејуваат многу судбини и ќе живеат се додека се пеат, ја објаснува својата идеја и цел публицистот Кочоски.

Авторот, роден 1946 година, во своите помлади години членувал во повеќе музички состави. Така во разговор со колеги и учители уште пред неколку децении почнува со откривање на музичкото минато како и животот во Тетово од пред неколку векови.

Александар Самарџиев



Автор: Администратор
Објавено на: 26/12/2020 09:44