Квинтетот „Македонисимо“ на Симон Трпчески и пријателите синоќа одржа концерт во салата „Бугарија“ во бугарската престолнина, со еден од водечките оркестри во регионов, софиската филхармонија. Диригент на концертот беше нашата млада диригентка Ана Спасовска.

Како што соопшти „КултурОп“, квинтетот „Македонисимо“ настапи во оригиналниот состав: Симон Трпчески на пијано, Хидан Мамудов на кларинет, саксофон и кавал, Александар Краповски на виолина, Александар Сомов на виолончело и Влатко Нушев на удиралки, заедно со софиската филхармонија, под палката на диригентката Ана Спасовска, која го имаше своето деби со познатиот бугарски оркестар.

- Долготрајните аплаузи од софиската публика беа наградени со три изведби на бис, а посебно одушевување предизвика гостувањето на познатата бугарска певица Александра Борисова, која им се приклучи на музичарите на сцена, информира „КултурОп“.

Меѓу присутните на концертот биле и бугарскиот министер за култура диригентот Најден Тодоров, како и македонската амбасадорка во Бугарија, Агнеса Руси Поповска.

Следната квинтет-изведба на „Македонисимо“ е закажана за 9 јуни во Глазгов, Шкотска (како дел од резиденцијалниот циклус концерти на нашиот пијанист од светски глас со Кралскиот шкотски национален оркестар). Симон Трпчески до крајот на овој дел од сезоната го очекуваат и редовните концертни гостувања во САД, Велика Британија и Германија.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/04/2024 08:07