На малата сцена во Македонскиот народен театар денеска напладне премиерно ќе биде изведена монодрамата „Последната лента на Крап“ од Семјуел Бекет, во изведба, режија и продукција на Ѓорѓи Јолевски.

„Последната лента на Крап” е претстава за изолацијата и стареењето, за кревкоста на сеќавањето, за нашиот комплексен однос со технологијата, за свет во кој времето неповратно минува и бројните ограничувања со кои не соочува животот.

– Ова е претстава за осамен човек, изолиран од светот, кој на неговиот 69-ти роденден ги преслушува старите магнетофонски ленти. Меѓу нив една лента има посебно место: таа што се наоѓа во Кутија три – ролна пет. На неа е снимен тој, средовечниот Крап, пред цели 30 години, одамна минато време, каде што зборува за уште подалечни, а клучни настани од својот одамна изминат младешки свет, за изгубената љубов, за смртта на неговата мајка, за илузиите и неуспешната кариера. А стариот Крап, сега има амбивалентен однос кон тоа што го слуша, се вели во најавата на МНТ за премиерата на монодрамата.

Претставата е копродукциски проект меѓу Македонскиот народен театар и Перипетија-продукција од Скопје. Продуцент е Ѓорѓи Јолевски, а извршен продуцент е Никола Кимовски. Текстот од англиски на македонски го преведе драматургот Владимир Јанчевски. Сценографијата, дизајнот на плакатот и програмскиот каталог се на Сергеј Светозарев, а костимограф на претсвата е Ивана Каранфиловска-Угуровска.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/12/2020 10:56