Уште една силна експлозија одекнала во близина на претседателската палата во јеменскиот град Аден, во која пред неколку часа беа префрлени членовите на новоформираниот владин кабинет, по нападот врз нив на аеродромот во истиот град, пренесоа британските медиуми, повикувајќи се на локалните медиуми и тврдења на двајца очевидци.

Се уште не се знае која е причината за експлозијата, а до овој момент нема информации за евенутални жртви.

Претходно во текот на денот, на аеродромот во Аден одекнаа две експлозии, кратко по слетувањето на авионот со членовите на новоформираниот кабинет, при што загинаа најмалку 16 лица, а 60 беа повредени

Се уште не е познато што ја предизвика експлозијата, а ниту една група се уште не презеде одговорност за нападот.

Снимките на американските медиуми од местото на несреќата покажуваат како членовите на владата се симнуваат од авионот за време на експлозијата. Ниту еден од министрите не беше повреден, а многумина побрзаа да се вратат во авионот или истрчаа по скалите во потрага по засолниште.

Јеменскиот министер за комуникации тврди дека слушнал две експлозии, што сугерира дека нападот бил извршен со беспилотни летала.

Министрите се вратија во Аден откако минатата недела положија заклетва како дел од реконструкцијата на владата по договорот со сепаратистите од југот на земјата. Формирањето на новата влада се сметаше за голем чекор кон смирување на непријателствата меѓу меѓународно признатата влада, поддржана од Саудиска Арабија, и сепаратистите од Јужен Јемен, поддржани од Обединетите Арапски Емирати и проиранските бунтовници од движењето Хуту, кои контролираат голем дел од северен Јемен.



Автор: Администратор
Објавено на: 31/12/2020 00:14