Автомобилот КИТ од ТВ-серијата „Витезот возач“ (Knight Rider), е понуден на аукција, а глумецот Дејвид Хаселхоф, како ѕвезда на серијата ќе му го достави на новиот сопственик.

Хаселхоф изгради статус на ТВ-легенда глумејќи во голем број серии, меѓу кои е и улогата на Мајкл Најт во „Витезот возач“ во која го возеше тогаш футуристичкиот автомобил со вештачка интелигенција којшто може да комуницира, да се самоуправува и да лансира ракети. Познатиот „Понтијак Транс Ам“ е во сопственост на Хаселхоф и сега е во потрага по нов дом.

Освен автомобилот, на наддавањето се нуди и јакна на популарниот Хоф од 1993 година.

Вредноста на возилото првично се проценуваше меѓу 175.000 и 300.000 американски долари, но понудата веќе достигна 975.000 долари. Купувачот ќе има чест автомобилот да му го достави лично ѕвездата од серијата.

КИТ е целосно функционален, со исклучок на оружјето. Аукцијата трае до 23 јануари.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/01/2021 15:22