Со осветување на погачата и бадниковите гранчиња во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ почна одбележувањето на Бадник, ден пред големиот празник Рождество Христово – Божик.

Во ограничен број, со почитување на сите заштитни мерки и протоколи и во присуство на годинашните кум и здравичар Никола Пановски и Миодраг Врчаковски, беше осветена погачата од страна на архипископот на Македонската Православна Црква-Охридска Архиепископија, г.г. Стефан.

Бадниковите гранчиња беа делени на главниот влез на црквата и на влезот од страната на камбанаријата.

Поради пандемијата, годинава изостана вообичаеното масовно одбележување пред Соборниот храм, а не се одржаа ниту традиционалните детски бадникови поворки како предвесник на утрешниот христијански празник Рождеството Христово – Божик.

Од Здружението кое секоја година ги организира детските бадникови поворки информираа дека озвучено возило во придружба на полициски возила ќе ја помине традиционалната патека на движењето на бадниковите поворки односно од црквата свети Димитрија до Соборниот храм.

– Овој пат, без физичко присуство на луѓе, песната „Вечниот Бог” ќе ечи од звучниците на возилото, во исто време, кога и на покана на „Бадникови поворки”, голем број деца и нивните семејства, во домашни услови, ќе ја пеат коледарската песна и ќе испратат силна заедничка молитва и порака за обединување на народот во вербата и надежта за подобро утре, информираа од Здружението.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/01/2021 11:47